X
 31.01.2020 Наша тема

Ана Јовковска: Во „Сакам, значи постојам“ се соголувам без задршка

По промоцијата (5 февруари) ќе ви кажам дали мојата борба да ги поттикнам луѓето да веруваат дека овој комплициран свет може да се спаси со добрина и љубов е успешна или, пак, хипички наивна, вели новинарката и авторка Ана Јовковска

Прогресот во општеството е можен само кога се инспирираме едни со други да бидеме подобри. Не во смисла на брутална конкуренција, туку како мотивација да се препознае, освести и извлече најдоброто од себе. Огледалото на читателите е најточната слика за мене – вели Ана Јовковска, новинарка и авторка. На 5 февруари во Скопје ќе биде промовирана нејзината трета книга „Сакам, значи постојам“ во издание на „ТРИ“ (арт-локал „Ли“ во 19 часот). Новата книга им се придружува на „Пулсот и времето“ (Матица македонска) и „Ехо на слободата“ (ТРИ).


Ана Јовковска (фото: Жарко Чулиќ)

Творите во повеќе медиуми и жанрови. Според насловот на новата книга, може ли да се каже дека барем во последните години Ве води и мислата „пишувам, значи постојам“?

- Пишувањето е мојата најголема слобода! Пред неколку години, а по 20 години новинарска работа во телевизија, се најдов на раскрсница која ме „фрли“ во бескрајниот ендек на пишувањето... Колумни, концепти за дебати, за разни културно-социјални проекти, сценарија, раскази, есеи, прирачници за обуки, пиар-статуси за „Фејсбук“, инфлуенсерски пораки, поезија, проза, како и трите мои книги што ги издадов во последниве пет години, „Сакам, значи постојам“ е најзрелото и најинтимното пишувачко тесто од мојата книжевна кујна.



Што значи за Вас вметнувањето на едно четиво меѓу две корици? Се борите ли во секое дело со моментот дали кажав доволно и премногу?

- Овој пат со „Сакам, значи постојам“ е соголување без задршка. Секое отворање на најдлабоките бунари на личноста значи чистење на сопствениот талог од болки. А кога тоа го правиш јавно, тогаш мора да бидеш подготвен на голема изложeност и ранливост. Среќата и љубовта бараат храброст! Пишувајќи ја мојата нова книга, која е сосема поинаква од претходните две, во ниту еден момент не калкулирав со тоа дали кажав доволно или премногу. Го кажав она што ме притискаше, ме болеше, ме возбудуваше, ме смееше и ме правеше понекогаш подобар, а понекогаш полош човек. Не знам дали кажав доволно, или премногу, но кажав искрено.

Ве охрабруваат ли читателите во потрагата по нова инспирација?

- Ме охрабруваат да продолжам да давам. Препознавањето едни во други, во слични психолошки лавиринти, во слични родителски дилеми, споделувањето љубовни проблеми и мапирањето на современите животни предизвици е можно само во заедница. Колективното поврзување почнува од поединците кои храбро зборуваат за работите за кои повеќето луѓе премолчуваат. Прогресот во општеството е можен само кога се инспирираме едни со други да бидеме подобри. Не во смисла на брутална конкуренција, туку како мотивација да се препознае, освести и извлече најдоброто од себе. Огледалото на читателите е најточната слика за мене. Како едукаторка по комуникациски вештини и јавно говорење, и воопшто како тренер за личен и професионален развој, често велам дека комуникацијата е квалитетна само кога имаме фидбек! Затоа деновиве „цветам“ кога ми стигнуваат коментари од првите читатели на „Сакам, значи постојам“, кај кои книгата разбудила нешто. Поголемата слика веројатно ќе ја доживеам по промоцијата, па по 5 февруари ќе ви кажам дали мојата борба да ги поттикнам луѓето да веруваат дека овој комплициран свет може да се спаси со добрина и љубов е успешна или, пак, хипички наивна. Одговорот длабоко во себе го знам, но сега ги чекам реакциите на читателите.


Ана Јовковска (фото: Жарко Чулиќ)

Ако не го гледаме светот низ љубовта, се чини ќе ја изгубиме битката со него. Гласно говорите за правата на обесправените. Ви се случува ли некогаш да се изморите и кажете дека не вреди борбата?

- Се разбира дека ми се случува да се изморам од целото социјално загадување. Не сум робот кој притиска копче „мисија“. При таквите енергетски падови од општеството, одбирам да се оддалечам од сѐ што ме исцедило, барем на некое време. Моите механизми се: повремена изолација од јавноста, природа, планина, вода, животни, многу книги, филмови, пишување некој вид на дневник, како и најсмирувачкото утопиште – детето и семејството. За среќа, брзо им се враќам за социјалните дразби и дигиталниов хаос и излегувам на терен каде што неправдата бара директен прст во око! Улогата на интелектуалецот е да го крене гласот за обесправените и маргинализираните.

Се чини дека мајчинството многу влијаело врз Вашите ставовите, перцепцијата. Што научивте од новата улога на мајка?

- Три и пол години мајка ме пораснаа за три животи. Научив дека љубовта е бесконечна и безусловна! Но и дека љубовта е невозможна без слободата да се греши.

„Сакам, значи постојам“ повторно ја става слободата на пиедестал. Верувате ли дека постои лична слобода изолирана од општеството? Може ли човек да биде слободен во ова време-невреме?

- Човек е слободен онолку колку што умее храбро и бескомпромисно да се вози на тркалото на својот живот. Качи се на велосипедот на животот!
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема