Луѓето се поздравуваат на различни начини: некои велат здраво, други добро утро, некои се ракуваат, некои се бакнуваат в образ или се прегрнуваат, а истото важи и за слоновите.
Истражување базирано на набљудување на африканските слонови во резерватот Јафута во Зимбабве дава нови сознанија за визуелните, акустичните и тактилните гестови што ги користат при поздравувањето, но и за разликите помеѓу неколку видови поздравување.
- Слоновите живеат во таканаречените групи „фисија-фузија“, во кои тие често се раздвојуваат и повторно се обединуваат - вели бихевиоралниот биолог Веста Елеутери од Универзитетот во Виена.
Слоновите се многу интелигентни, имаат добра меморија, способност за решавање проблеми и софистицирана комуникација.
Женките од различни семејства можат да создадат силни социјални врски меѓу себе и да формираат групи. Претходните истражувања забележаа дека кога овие групи се среќаваат, слоновите се поздравуваат на сложени начини за да ја зајакнат својата социјална врска, рече Елеутери.
Мажјаците имаат послаби социјални врски, а нивните поздрави може повеќе да послужат за ублажување на можните „ризични средби“. Најчесто се поздравуваат со меѓусебно мирисање на сурлите.
Истражувањето идентификувало околу 20 видa гестови што ги користат слоновите при поздравување и покажале како ги комбинираат на посебни начини со различни видови вокализации. Исто така, истражувањето покажа дека мирисот игра важна улога во поздравувањето.
Слоновите може да се дочекаат со визуелни гестови, на пример, со ширење на ушите или со покажување на задникот, аудитивни гестови, како мавтање со ушите или тактилни гестови, како што е допирање на друг слон.
- Откривме дека тие ги избираат овие визуелни, акустични и тактилни гестови врз основа на тоа дали нивниот партнер за поздравување ги гледа или не, што сугерира дека се свесни за визуелните перспективи на другите. Тие претпочитаа да користат визуелни гестови кога нивниот партнер гледа, а тактилни гестови кога не гледа - рече Елеутери.
Фото: Freepik