X
 07.02.2022 Здравје

Омикрон подолго преживува на површините отколку старите соеви

Од почетокот на пандемијата се трудиме да ги разбереме начините на пренесување на коронавирусот што ја предизвикува болеста ковид-19. Светската здравствена организација (СЗО) вели дека пренесувањето најчесто се прави со близок личен контакт и преку аеросолите во слабо вентилиран простор или соби со многу луѓе. Меѓутоа, оттаму велат и дека луѓето може да се заразат со допирање на очите, носот или устата доколку претходно допреле контаминиран предмет или површина.

Ново јапонско истражување, кое сѐ уште не било рецензирано, ги споредува соевите на коронавирусот во однос на тоа колку долго преживуваат на површините. Според истражувачите, новите соеви преживуваат на кожата и пластиката двојно подолго од оригиналниот сој откриен во Вухан. Сојот омикрон може да преживее на пластика дури 193,5 часа, а на кожата 21,1 час.


Фото: Pixabay

Сепак, треба да се знае дека станува збор за истражување спроведено во лабораториски услови, а ситуацијата во реалноста може да се разликува. Количината на вирусот што била искористена во истражувањата, исто така, не одговара на количината на вирусот која се задржува на површината во сите случаи. Другите фактори, како температурата или влажноста на воздухот, може да го намали периодот на преживување на коронавирусот на површината.

Од друга страна, истражувачите ги користеле истите услови во оценувањето на сите соеви, па може да се заклучи дека новите соеви веројатно подолго преживуваат на површината отколку старите, без разлика на условите.

Истражувачите покажале и дека средствата за дезинфекција се исто така ефикасни за омикронот како и за другите соеви.

Извор: The Conversation
Фото: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје