Џек Вилмот, коосновач на студиото за виртуелна реалност „Дизрапт Ви-ар“, поминал 168 часа носејќи опрема за виртуелна реалност. Тоа е цела недела.
- Веројатно ова е најглупавото нешто што некогаш сум го направил, но добре дојдовте во недела во иднината - раскажува тој за експериментот.
За да го направи искуството уште пофутуристичко, Вилмот овозможил лајвстрим од целата недела на „Твич“ минатиот месец, а подоцна прикачил видео од целата недела и на „Јутјуб“.
Правилата биле едноставни: тој можел да се префрли од компјутерски-базирани слушалки „Окулус“ на различни слушалки во период од 30 секунди, додека неговите очи биле затворени. Неговите прозорци биле затемнети, за неговото физичко тело да не мора да се потпира на дневната светлина од која зависи човековиот биоритам.
Неговите мобилни слушалки за виртуелна реалност имаат вградена камера во предниот дел, така што тој можел да ја „види“ својата физичка околина - но не директно, со сопствени очи.
Вилмот работел, јадел и вежбал во внатрешноста на виртуелната реалност. Спиењето со слушалките се покажало како „поудобно“ отколку што очекувал, иако очите малку го пецкале.
- Ако сте под стрес, можете да влезете во природна средина десетина минути и да се релаксирате. Ако некој се чувствува енергично, може да ја претвори енергијата во фитнес-игра. Ова се новите правила во реалноста во која јас се наоѓав. Сè се наоѓа во слушалките - раскажува Вилмот.
Тој верува дека виртуелната реалност е она што ќе го создадеш ти. Ако сакаш да бидеш сам, можеш да поминеш време во игри убивајќи змејови. Или можеш да избереш да се приклучиш и да разговараш на „Ви-ар чет“ - бесплатна мултиплеер онлајн-платформа што овозможува да комуницирате со аватари контролирани од непознати луѓе.
- Лесно е да пронајдете ваше племе, да се дружите, да комуницирате со други преку виртуелен пејзаж како да сте таму со нив - додава тој.
Кога ги извадил слушалките, освен мала вртоглавица и дезориентација, тој немал некои лоши
ефекти и веднаш се вратил во нормалата.