X
 29.01.2017 Технологија

Интересна данска апликација ги тера децата да читаат на необичен начин

Tомас Норман-Екегрен ѝ помагал на својата ќерка да научи да чита кога дошол до идејата за змејот кој се потпира на моќта на читањето за да остане жив.

Откако видел како неговата ќерка се мачи со читање, Норман-Екегрен, кој има 13 годишно искуство како информатички експерт, започнал да развива апликација врз основа на концептот „Тамагочи“ (дигитални миленичиња кои беа популарни во текот на 90-те) и го вовел тој концепт во дизајн на е-книга која може да се користи во училницата.

„Учењето читање не е лесно и понекогаш демотивира. Токму од таму доаѓа идејата да направам нешто што би го олеснило читањето, а би помогнало во мотивацијата“, објаснува Норман-Екегрен.

Наменета за читателите на возраст од 5 до 10 години, апликацијата „Манено“ започнува со приказната за мајка змеј која морала да го напушти своето гнездо со јајца додека се бори со злобните сили. Од децата бара да ги посвојат јајцата и да им читаат барем 15 минути дневно за малиот змеј да порасне во возрасен змеј.

Корисниците можат да избираат од текстовите кои ги има на сите нивоа на читање. Колку повеќе децата читаат, толку повеќе нивниот змеј станува силен и расти. Моментално се достапни само дански текстови, меѓутоа компанијата е во преговори со британски издавач за воведување и англиски текстови.

„Се обидуваме да ги искористиме емоциите на децата. Бебето-змеј автоматски ќе стане поголем и помудар кога детето ќе му чита повеќе“, вели Норман-Екегрен.

Доколку децата не читаат редовно, змејот сѐ повеќе и повеќе ќе се намалува и на крајот ќе се врати во своето јајце.

Дали апликацијата може да ги поттикнат децата да читаат?

Оваа идеја може наставниците и да ги воодушеви, и да ги налути. Некои од нив ќе ја видат големата вредност затоа што апликацијата може да ги поттикне и оние деца кои не сакаат да читаат, па со надеж дека ќе го одржат змејот во живот, читањето постепено ќе им стане уживање. Оние кои не ја одобруваат идејата ќе бидат изреволтирани затоа што детето мора на некој начин да се „измами“ за да чита, наместо да се увери дека читањето само по себе е вредно за труд.

Освен читањето, апликацијата на децата им доделува бодови во согласност со бројот на минутите кои ги читале и според тоа дали читаат на ниво соодветно на нивната способност. Исто така, тие можат да ја споредат својата успешност во групни табели врз основа на количина на трудот кој го вложуваат и да се спријателат со други читатели користејќи вградена платформа за социјални медиуми, каде можат да ги покажуваат своите змејови и да разменуваат препораки за книги.

За учениците со потешкотии при читањето, како што е дислексијата, постојат опции со кои на текстот му се додава боја и звук, па така зборот е прочитан на глас.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија