X
 31.03.2019 Живот

Природата ги заштитува слоновите од криволовците

Многу животни се мајстори за адаптација, а најдобар пример за тоа се поларните мечки и арктичките лисици. И едниот и другиот вид се приспособиле и се вклопиле во околината за да се спасат од предаторите.

За жал, има многу животни што не мораат да се спасуваат само од предаторите, туку и од луѓето. Слоновите се едни од нив. Тие се загрозени поради криволовците и се адаптираат на еден тажен и неверојатен начин.

Луѓето ги ловат овие големи животни поради издолжените заби наречени бивни. Ловците најчесто пукаат во нив од хеликоптери или од мали авиони, па слоновите немаат шанса да се борат за живот или да побегнат.

Покрај тоа што воведе забрана кон крајот на 2017 година, Кина е една од земјите каде што забите од слонови се многу побарани отколку во другите делови од светот. Некогаш се повредни и од злато. Таму не само што веруваат дека се лек за многу болести, туку веруваат и дека помагаат во лекувањето на неплодноста.

Без оглед на тоа што не постојат научни основи за медицинската употреба на слоновите коски во прав, забите од слоновите и понатаму носат многу пари за криволовците во Африка и во Азија.

Така, доаѓаме до клучниот дел - мајката природа, која против овие појави се бори со сопствено оружје - со еволуцијата. Неодамна во „Нешнл џиографик“ беше објавено дека природната селекција ги фаворизира слоновите родени без издолжени заби. Научниците од Мозамбик сега се обидуваат да ја сфатат генетиката на слоновите родени без издолжени заби, како и исходот на оваа промена.

Порано, меѓу 2 и 4 отсто од слониците во Мозамбик немаа издолжени заби, но тој број сега се зголемил на речиси една третина од слониците.

Експертот и истражувач од „Нешнл џиографик“, Џojс Пул, објаснува дека криволовот има големо влијание врз слоновите - не само во смисла на нивната популација, туку и во смисла на еволуцијата.

Слоновите на кои не им пораснале заби имале биолошка предност во Горонгоса, Мозамбик, објаснува Пул, бидејќи ловокрадците се фокусирале на оние со заби и ги поштедиле преостанатите животни.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот