X
 31.03.2020 Наука

Коронавирусот можеби со години бил меѓу луѓето

Додека Ковид-19 патува низ светот, предизвикувајќи изолација, пневмонија и страв, научниците се тркаат со времето за да утврдат од каде дошол вирусот.

Иако сѐ уште ги немаме сите одговори, вклучително и оној на прашањето дали вирусот дошол од животно, нова анализа дефинитивно им стави крај на теориите на заговор дека вирусот е создаден во лабораторија.

Во студијата се разгледуваат неколку интересни можности во однос на потеклото на новиот коронавирус. Според едно сценарио, тој можеби безопасно циркулирал меѓу луѓето прилично долго пред да стане пандемија.

- Можно е предок на САРС-Ков-2 да се префрлил кај луѓето придобивајќи нови геномски карактеристики преку адаптација при недетектирана трансмисија од човек на човек. Штом еднаш бил добиен, ваквите адаптации би овозможиле започнување на пандемија и создавање доволно голем кластер на случаи - наведува тимот од САД, Велика Британија и Австралија во трудот.

Истражувачите анализирале геномски податоци достапни од САРС-Ков-2 и други слични коронавируси, покажувајќи дека деловите за врзување на рецептори на шилестите протеини на САРС-Ков-2 биле толку ефикасни во сврзување со човечки клетки, што морало да бидат предизвикани преку природна селекција.

- Преку споредба на достапните податоци од секвенциран геном за познатите видови на коронавирусот, со сигурност можеме да утврдиме дека САРС-Ков-2 потекнува од природен процес - истакнува имунологот Кристијан Андерсен, кој е и еден од истражувачите.

Во однос на опцијата за лабораториски експеримент кој отишол во погрешна насока, тимот истражувал две хипотези. Прво, дека природната селекција се случила во животно пред вирусот да се пренесе кај луѓе. Тимот објаснува дека иако примероците на коронавирусите во лилјаците и панголините покажале слични геноми, никој не се совпаѓал совршено.

Втората хипотеза е дека природната селекција се случила кај луѓе откако вирусот бил пренесен од животно.

- Второто сценарио е дека новиот коронавирус преминал од животни на луѓе пред да стане способен да предизвика болест кај човекот. Потоа, како резултат на постепени еволуциски промени со текот на годините или можеби децениите, вирусот на крајот добил способност да се шири од човек на човек и да предизвика сериозна, често и животозагрозувачка болест - истакнува Франсис Колинс, директор на американскиот Национален институт за здравје.

Иако сѐ уште не знаеме која од двете хипотези е точна, истражувачите мислат дека повеќе докази може да ја поддржат едната или другата, но ќе мора да почекаме да се завршат истражувањата.

Во меѓувреме, мијте раце, седете дома и помогнете колку што можете.

Извор: Science Alert
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука