X
 06.06.2024 Наша тема

Драган Милованов, графити-уметник и илустратор: „Уличната уметност има моќ да ги надмине социјалните бариери“

Привлечен од андерграунд-културата и уличната уметност, Драган Милованов од Битола повеќе од десет години твори како графити-уметник и илустратор и создавајќи мурали, го менува сивилото во урбаното живеење.

Драган Милованов, познат како NONE, е дел и од „Hybrid Minds“ тимот на артисти кој се занимава со улична уметност. Своите вештини ги усовршува повеќе од една деценија со многу љубов и пренесување пораки преку силни и живи бои.

- Се сеќавам уште од мал бев привлечен од андерграунд-културата, графитите и живиот свет на муралите, што го поттикна мојот интерес за уличната уметност. Учејќи преку експериментирање со цртање на хартија, користење боја, па сѐ до спреј на ѕид, ги усовршувам моите вештини повеќе од една деценија, секако, со многу работа, љубов и соработки со колеги уметници. Создавањето вертикални цртежи и илустрации, особено на мурали од големи размери, бара силно разбирање на перспективата, композицијата и теоријата на бои. Моето искуство со работа на различни површини и размери ја усоврши мојата способност да се приспособам на различни средини - раскажува Драган за своите почетоци во уметноста.



Инспирација од природата и урбаниот начин на живот

Најголема инспирација за неговата креативност доаѓа од многу извори, но најмногу од природата и од урбаниот начин на живот. Предизвикот е секогаш ист: да исполни еден голем празен ѕид со боја и креативно и слободно да се изрази.

- Инспирацијата за мојата работа потекнува од огромен број извори, вклучувајќи социјални прашања, инспиративни луѓе, природните убавини, животинскиот свет, културното наследство и лични искуства. Патувањето низ Европа ме изложи на различни пејзажи и култури, збогатувајќи ја мојата уметничка визија и поттикнувајќи ја мојата креативност.
Она што најмногу ме привлече кон уличната уметност беше уникатниот спој на слободата на изразување и платното на јавниот простор. Cпособноста да создавам автентично, без ограничувања и да ја споделам мојата порака со разновидна публика на глобално ниво, што страсно ме вовлече во уличната уметност - објасни битолскиот уметник.



Неговиот уметнички процес се карактеризира со микс на традиционални и современи техники, како и „free style“ почнувајќи од скица до финален продукт. Драган вели дека времето потребно за завршување на муралот варира во зависност од неговата сложеност и обем, а процесот на создавање на проектите обично трае од од неколку дена до неколку недели.

Соработката со клиенти од цела Македонија овозможи Драган да придонесе за широк спектар на проекти - од урбано разубавување до ангажман во заедницата.

- Со текот на годините соработував со различен опсег на клиенти, вклучувајќи кафулиња, игралишта, ресторани, општини, бизниси, училишта и културни организации кај нас во Македонија, како и низ Европа. Овие соработки ми овозможија да придонесам за широк спектар на проекти и иницијативи, од урбано разубавување до ангажман во заедницата. Во дигитална илустрација, исто така, работам повеќе од 10 години со различни клиенти од различни индустрии. Некои од нив вклучуваат: маркетинг-компании, издавачки куќи, технолошки компании, модни брендови, компании за игри и други - истакна Милованов.



Мурали со женски портрети со силна порака за различноста

Покрај темите од животинскиот свет, Драган црта и женски портрети со препознатлив стил. Преку уникатен израз со свежо зелена нијанса испраќа силна порака за различноста и силата на жената од која тој црпи инспирација.

- Женските портрети што ги цртам пренесуваат пораки за зајакнување, храброст, грижа за себе, убавина и издржливост, славејќи ја различноста и силата на жените на јавните простори. Женската убавина, природата и животинскиот свет ми се инспирација во мојата работа - вели NONE.

Силните бои што Драган ги користи на старите ѕидови низ земјава ги предизвикаа стереотипите за уличната уметност која, според него, ќе ги надмине социјалните бариери и ќе ги обедини луѓето од различни заедници на дружба, дијалог и соработка.



- Преку мојата работа се стремам да ги предизвикам стереотипите и да поттикнам поголемо разбирање и ценење на урбаната култура и креативност. Уличната уметност има моќ да ги надмине социјалните бариери и да ги обедини луѓето од сите сфери на животот. Уличната уметност служи како моќна платформа за зближување и дружење на различни заедници, поттикнување дијалог и соработка низ социјалните, половите и етничките линии. Исто така, како уличен уметник соработувам и со други уметници од различни сфери. Со создавање заеднички простор за изразување и поврзување, уличната уметност промовира инклузивност и го слави богатството на човечкото искуство - смета Милованов.



Со еколошки пораки и оптимизам го бои сивилото во Битола

Пред 10 години тој почна да го бои сивилото во Битола и да шири еколошки пораки и оптимизам создавајќи дела кои секојдневно комуницираат со минувачите.

- Во Битола и пошироко моите уметнички зафати служат како катализатор за ширење пораки за еколошка свест и негување оптимизам. Преку живописните бои и различни концепти се стремам да внесам нов живот на безличните улични ѕидови, претворајќи ги во улична уметност која комуницира со минувачите, односно секојдневната публика. Секој мурал раскажува различна приказна, охрабрувајќи ги набљудувачите да размислат за нивното влијание врз животната средина и да прифатат поодржлив начин на живеење. Битола сега е свежа и расцутена во пролет, повелете и прошетајте низ битолските сокаци – порача Драган Милованов.



Профили
www.instagram.com/none_hybz
https://www.facebook.com/NONEEart
https://www.instagram.com/hybrid.minds_
https://www.facebook.com/hybridmindscr
https://www.instagram.com/elemento_oo

Фотографија: Приватна архива

Текстот е подготвен во рамките на проектот „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“, финансиран од Фондот за мир на Обединетите нации и спроведуван од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), УНЕСКО и UN Woman.
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема