X
 07.09.2016 Образование

Секоја година опаѓа бројот на студенти на УКЛО

1

 

На факултетите на битолскиот Универзитет  во првиот и вториот уписен рок  се запишале 1600 студенти во новата академска година, а од ректорската управа очекуваат дека заклучно со третиот уписен рок оваа бројка ќе се заокружи на 2000, што е идентично со интересот од лани. Најголем интерес за студирање на битолскиот универзитет годинава има на Техничкиот факултет во Битола, а најмалку студенти во првите два уписни рока се пријавиле на Факултетот за ветерина.  


„Овие бројки обезбедуваат оптимален образовен процес на нашиот универзитет, затоа што се распоредени  по сите единици, односно немаме ситуација да некоја единица остане без  нови студенти што би го загрозила нејзиниот опстанок“, изјави проф.др Сашо Коруновски,  ректор на УКЛО.

Од ректорската управа признаваат дека бројот на студенти  во последната декада е драстично опаднат, односно намален е бројот на бруцоши за околу една третина. Велат дека Универзитетот функционира во сложени услови создадени од лојална и нелојална конкуренција, намалување на наталитетот, зголемената миграција, но и се’ поголем интерес за студирање на европските универзитети.

„Бројките се сериозно опаднати. Во тие години се запишувале по 3000 студенти, односно соодносот е 2000 спрема 3000, што е и во апсолутен и во процентуален обем опаѓање на бројот на новозапишани студенти. Тоа е генерален тренд во високото образование тука, но и на Балканот.  Со нашите млади кадри ги храниме европските универзитети. Но, трендовите долгорочно можат и да се сменат. Размислуваме за заеднички студиски програми со некои од европските универзитети, но и тие студиски програми треба да бидат конкурентни“,  вели проф. др Сашо Коруновски, ректор на УКЛО.

Трендот на  намалување на бројот на студенти е присутен и покрај големиот број дисперзирани студии на високообразовните институциии, но од ректорската управа велат дека анализата од ефектите сепак треба да ја спроведе Минисетрството за образование.  

„Моето лично мислење е дека повеќе од една дисперзија е веќе проблематична во квалитетот, тоа одговорно го кажувам. Тоа значи дека е потребен еден процес на редукција на тие дисперзирани студии. Редукција во обем што високообразовната политика, односно ние како јавни универзитети и Министерството за образование да го договориме во кој обем е тоа издржливо“, смета Коруновски.

Ректорската управа вели дека во периодот во иднина не  размислуваат за нови студиски програми на додипломските студии, туку развивање на веќе постоечките.

„Ќе следи една анализа на студиските програми што би значело зголемување на бројот на студиските програми за кои има поголем интерес и редуцирање на студиски програми за кои пазарот на труд не е заинтересиран. УКЛО е важен играч во македонскиот образовен процес. Наша цел е да го одржиме во добра кондиција и да ги подобриме тие перформанси“, велат од управата.

„Затоа започнаваме да работиме на подготовки за стратегија за развој на УКЛО, по што ќе видиме кои ќе бидат генералните насоки за секоја единица на Универзитетот“, додаваат и велат дека најголем интерес од страна на странските студенти има за докторските студии.

„Околу 30 до 40% од студентите се странски студенти. Земајќи ги предвид јазичните бариери, можеме да кажеме дека тоа е солиден процент. За вториот циклус на студии има помал интерес, а за првиот циклус на студии има најмалку заинтересирани странски студенти. Во новата акредитација го зголемуваме бројот на студиски програми на англиски јазик, односно неколку факултети да направат повеќе студиски програми на англиски јазик за да можат странските студенти да доаѓаат“, вели ректорот на УКЛО Коруновски.

На 14 септември УКЛО ќе организира трет уписен рок  и нуди околу 2000 слободни места, со што ќе се заокружи уписот на бруцоши за оваа академска година. 
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование