X
 31.05.2021 Наша тема

На ТМФ ќе научите битни вештини, ќе може да напредувате во кариерата и да си обезбедите задоволителна егзистенција, вели Николајчо Николов од „Бучим“

Главните двигатели на еден успешен професионалец се токму образованието, работата, трудот и упорноста, кои воедно беа и главен темел на мојата успешна приказна, вели Николов

Николајчо Николов е управител во „Бучим“ – Радовиш, претседател на Македонската асоцијација за рударство при Стопанската комора. Пред успешниот крај на својата работна кариера ни раскажа и за нејзините почетоци, како дипломиран металург на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје - ТМФ, но и за сето она што го овозможуваат студирањето и едукацијата. На Технолошко-металуршкиот факултет се запишал во учебната 1965/1966 и го завршил во рекордно време, дипломирал на 23 години. Во разговорот, преку својата приказна, објаснува што сè нуди добрата образовна основа.

- На многу факултети во Eвропа, па и во поранешните југословенски простори професиите технолог и металург се стекнуваат на одделни факултети. Бидејќи нашата држава е релативно мала, а и поради сродноста на струките, слични или исти наставни предмети и содржини, потребниот наставен кадар, лаборатории и сл., сметам дека е добро што овие две струки се изучуваат на еден факултет, дури и фактот дека на почетокот на студирање на овој факултет определувањето за конечната професија беше по втората година. Стекнатата диплома технолог на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ, поради стекнатото широко образование, дава можност за вработување речиси во сите дејности и индустрии, овозможувајќи понатамошно потесно усовршување во некоја конкретна стручна специјализација, развој на приватен бизнис и градење кариера.
Металуршката професија е нешто поспецифична и ограничена поради малиот број металуршки капацитети во земјата. Но и тука стекнатото образование и знаење овозможуваат понатамошно доусовршување и специјализација во иста или слична дејност, приватен бизнис и градење кариера.
Значи, двете професии даваат широки и добри можности за пронаоѓање на секој млад човек за добра егзистенција и понатамошно градење успешна кариера.


Како ТМФ Ви помогна во Вашата професионална афирмација?

- Факултетското образование што го стекнав на Технолошко-металуршкиот факултет ми овозможи многу полесно да се снајдам во мојата професионална афирмација. Како металург работев многу кратко, потоа се занимавав со огноотпорни материјали кои директно или индиректно се врзани со металургијата и станав врвен и признат специјалист за огноотпорни материјали на територијата на поранешна Југославија, еден период успешно се занимавав со приватен бизнис, за својата кариера да ја завршувам како успешен и признат менаџер во рударската индустрија. Речиси 15 години ја извршувам функцијата претседател на Македонската асоцијација за рударство при Стопанската комора на РСМ. Можам да кажам дека како металург многу успешно се снајдов и во рударската струка.



Кои се Вашите работни обврски и кој е предизвикот да се работи на факултетот?

- Моите работни обврски главно се во сферата на производството и негово менаџирање. Во приватната фирма се занимавав со производство и трговија.
Бидејки сум на крајот на својата работна кариера, можам да кажам дека сум им многу благодарен на сите мои професори што ми овозможија да го стекнам образованието. Но многу важно е личното ангажирање, постојано усовршување, многу работа и труд, постојано проширување на своето знаење, многу читање и следење на сè што е ново и максимална примена на тоа.

Каква е Вашата соработка со ТМФ во однос на апликативни проекти и со студенти од сите 3 циклуси на студии?

- Соработката со ТМФ е долгогодишна, особено во изработката на апликативни проекти во кои секогаш активно се вклучени студентите од сите три циклуси на студии.
Оваа соработка помеѓу индустријата и факултетите ја сметам за неопходна бидејќи тоа е еден од условите за добивање добар кадар.
Во рамките на оваа соработка, со задоволство прифаќам да им држам предавања на студентите на кои ги пренесувам своите знаења стекнати од моето долгогодишно искуство во индустријата. Притоа, едно од омилените прашања што го поставувам е: Дали знаете кој е еден од најважните ресурси за државата да биде богата? Ретко кога го добивам правиот одговор (по мое мислење), а тоа е: човечките ресурси. Јас сметам дека човечките ресурси се еден од најважните фактори за секоја земја да биде побогата и поуспешна.

Зошто идните матуранти треба да студираат на ТМФ, која е Вашата порака до нив?

- Моја искрена порака до сегашните и идните матуранти од средните училишта е да се запишуваат на ТМФ поради повеќе причини. Стекнатото образование на овој факултет дава широки можности за вработување во нашата мала држава, дава можност со малку дополнителен труд лесно да се совладуваат повеќе производствено-менаџерски вештини, брзо напредување во кариерата и конечно - обезбедување задоволителна егзистенција.
Се разбира, паралелно со факултетското образование потребно е да се стекнат со одлично познавање на англискиот и други јазици како и со ИТ-технологијата.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема