X
 31.05.2024 Технологија

Глобално истражување: Интернетот е добар за нашата благосостојба

Истражувачите долго време водат жестока дебата за тоа дали интернетот ни носи повеќе добро или штета. Студија спроведена на повеќе од 2,4 милиони луѓе во 168 земји открива дека луѓето што имаат пристап до интернет и активно го користат имаат повисоки нивоа на задоволство од животот, благосостојба и позитивни искуства.

Истражувачите од Универзитетот „Тилбург“ и Интернет-институтот на „Оксфорд“ ги тестирале овие наоди користејќи компјутерски симулации кои зеле предвид многу варијабли, како што се нивото на приход и образованието. Откриле дека навистина постои позитивна врска помеѓу присуството на интернет и благосостојбата. Единствен исклучок се младите жени на возраст од 15 до 24 години, кај кои користењето на интернетот може да предизвика несакани последици.

Оваа глобална студија за психолошка благосостојба опфатила повеќе од два милиони лица на возраст меѓу 15 и 99 години, од 168 земји, вклучително и Латинска Америка, Азија и Африка, области каде што анкетите се поретки, и податоците за употребата на интернетот и психолошките придобивки биле собрани од 2006 до 2021 година. Во истражувањето се користени дури 33.792 различни статистички модели и подмножества на податоци, а во 84,9 отсто од случаите врската помеѓу користењето на интернет и благосостојбата на поединците била позитивна и статистички значајна.

Индикатори за благосостојба

Истражувачите проучувале осум индикатори за благосостојба: задоволство од животот, дневни негативни и позитивни искуства, два индекси на социјална благосостојба, физичка благосостојба, благосостојба на заедницата и цел. Тие признаваат дека биле изненадени кога откриле позитивна корелација помеѓу благосостојбата и користењето на интернетот во повеќето од илјадниците користени модели.

Извор: bug.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија