X
 31.07.2022 Колумни

Ликовно образование за оние што ги бидува

Наставниците не смеат да бидат обременети со притисоци дека годишниот, месечниот и дневниот план совршено треба да се совпаѓаат со она што учениците ќе го работат на час. Како ќе се одвива часот, треба да зависи од децата, а не од наставникот

Автор: Кристина Божурска, уметница и едукаторка

Ѕвончето што го најавува почетокот на часот по ликовно треба да значи дека започнува најдобриот дел од училишниот ден! Час кога учениците преку креативен процес ќе истражуваат и поставуваат прашања, ќе експериментираат со материјали и идеи, ќе создаваат на теми што им се блиски и за нив лично значајни, ќе цртаат, сликаат, градат, конструираат, дискутираат или едноставно - ќе играат. Наставата за ликовно образование треба да биде поврзана со индивидуалните интереси на детето. Треба да биде возбудлива и да ја буди детската љубопитност. Училницата за време на часот по ликовно треба да биде уметничко ателје. Расфрлано, шарено, отворено и со лесно достапни разновидни материјали. Училница во која учениците се движат, разговараат, соработуваат и сите работат нешто различно.

И одделенските и предметните настaвници треба да го направат часот по ликовно интересен и интригантен. Тие треба да создадат простор во кој учениците самостојно ќе планираат и дизајнираат, секој ученик следејќи ги своите интереси и способности. Премногу ли е тоа да се бара од наставниците? Да, премногу е. Комплексно ли е да се создаде таков наставен план, приспособен на сите деца? Да, секако. Но возможно е. И потребно е! И повеќе од потребно.

Затоа треба целосно да се реобмисли програмата за ликовно образование. Наместо бројот на часови по ликовно образование да се намалува, треба да се зголеми или најмалку, да остане два часа неделно во основното образование. Потребно е да се смени пристапот на наставниците кон часот по ликовно, но и на наставниците да им се даде поголема слобода и флексибилност. Наставниците не смеат да бидат обременети со притисоци дека годишниот, месечниот и дневниот план совршено треба да се совпаѓаат со она што учениците ќе го работат на час. Како ќе се одвива часот, треба да зависи од децата, а не од наставникот.

Тоа, секако, не подразбира секој час „слободна тема“. Потребно е многу планирање и користење на разни стратегии од наставниците за да има вистински бенефит од часот по ликовно образование. Потребни се голем ангажман и голема промена во организирање на наставата, конкретно на ликовното образование. Квалитетен час по ликовно образование ги тренира учениците да размислуваат како уметници. Квалитетен час по ликовно ги развива толку зборуваните и потребни вештини на 21 век: креативност, колаборација, комуникација, критичко размислување, иновативност. Ако ова е целта на училиштето на 21 век, тогаш навистина нешто треба да се смени.

Она што сега се случува многу често е несодржаен час по ликовно образование. Често часот по ликовно е „колку да помине“. Вообичаено, во еден клас дел од децата се од почеток обесхрабрени и убедени дека „не ги бидува“ и тие најчесто не се ни обидуваат нешто да искреираат и се целосно без самодоверба и интерес кон часот. Еден друг дел, „талентираните“ (или едноставно деца што дома имале повеќе можност да цртаат/творат) возбудено се втурнуваат во креативно создавање. И така децата уште од самите почетоци на своето образование ја прифаќаат идејата дека или се талентирани за уметност или не. А уметноста често неправедно се поистоветува со убаво цртање. Целта на часот по ликовно не е децата на нацртаат нешто „убаво“. Поимот „убаво“ е толку променлива категорија и толку релативна. Она што за возрасните е убаво, не значи дека е и за децата. Не смееме да им ги наметнуваме нашите естетски категории и рубрики за тоа како треба да изгледа нивната ликовна творба и потоа да ги оценуваме со броеви од еден до пет! Напротив, целта на часот треба да биде самиот процес и што учениците учат низ тој процес, а не крајниот продукт. Од најмала возраст децата треба да се поттикнуваат да се изразуваат со разни материјали, да ги визуализираат своите идеи, да ги споделуваат, да планираат како да ја развијат идејата и да знаат да рефлектираат за процесот. Часот по ликовно не смее да биде час за вежбање математика во одделенијата од прво до петто, час за креирање честитки, еднаш за Осми март, па за Нова година, па постер, па хамер за да се украси училницата, или час со строго определени очекувања и резултати. Вообичаена практика е на часот нешто да се започне, наставниците да дадат тема, а потоа децата сами ги довршуваат делата дома и ги носат на крајот од полугодието за оценување. А дома на „не толку надарените“ деца колективно им помагаат тетки, стрини и комшии да нацртаат и убаво да избојат, без да излезат од линија, за чиста петка. Само јас колку пати сум се нашла во ситуација да бидам барана за помош од деца на мои блиски да им нацртам, или убаво да им избојам цртежи затоа што ги имале сите петки освен ликовно (и пак добивале помала оценка). „Бараме од децата да бојат без да излезат од линија, а потоа од возрасните очекуваме да размислуваат „надвор од кутијата“ (out of the box“ - Frank Sonnenberg).



Ваквата вообичаена практика верувам дека доаѓа од потребата на наставниците по ликовно образование да го прикажат својот предмет како сериозен и еднакво важен како и часовите по математика, македонски, природни науки… Веќе е докажано и верувам доволно познато колку е значајна за целосен и комплетен развој на една млада личност визуелната уметност, заедно со музичката и драмската уметност во редовното образование. Безброј истражувања ја потврдуваат важноста на овие предмети во редовното образование. Во една студија на музејот Гугенхајм, учениците што учествувале во уметнички програми на музејот покажале подобрена писменост и вештини за критичко размислување. Резултатите од обемната студија на Институтот Брукингс спроведена во 42 училишта, врз ученици од трето до осмо одделение, недвосмислено зборуваат за позитивните ефекти од уметничкото образование. Учениците што биле дел од контролираната група со зголемено учество во различни уметнички проекти покажале подобрување на стандардизираните тестови за пишување, зголемено сочувство и разбирање, и намален процент на недисциплина во училиштата. Истражувањата сведочат за забележително влијание на уметноста врз академските, социјалните и емоционалните резултати на учениците. Понатаму тоа подразбира зголемена способност да се размислува за работите на нови начини и капацитет да се сочувствува со другите.

А зарем овие особини не се клучни за младите луѓе на едно општество? Замислете го општеството во кое граѓаните сочувствуваат и ги разбираат другите. Преку емпириски истражувања изведени се и силни докази дека уметноста го унапредува животот на граѓаните. Докажано е дека учество на граѓаните како публика или преку лично учество во уметничко креирање е поврзано со повисоко ниво на граѓански ангажман, повисоки нивоа на општествена толеранција, а со тоа и со поздраво граѓанско општество.

- Учењето да се гледа и размислува во училиштето ја обликува иднината. Ако уметноста ја одразува слободата на изразувањето, тогаш оние што ја ползуваат, преку уметноста се
вклучени во социополитичка акција (Freedman, 2000, 42) за реконструкција на свет со
унапредени и подобрени социјални односи. И да се критикува уметноста е да се учествува во демократската практика! Етичкото донесување одлуки ги учи процесите на систематско поставување прашања или дијалектичко размислување, идентификувајќи зошто и каде човековите права се прекршени, (Patricia, 2006, 22).

Наставата по ликовно не претставува само учење на ликовни техники и вештини. На часот по ликовно децата (треба да) имаат слобода да го визуализираат она што некогаш не можат да го кажат. Имаат слобода да бидат свои, да не следат инструкции, да експериментираат и да грешат. На часот по ликовно се разгледуваат уметнички дела од историјата и сегашноста, се дискутираат и презентираат нови начини на размислување и гледање на нештата. Се учи да се разбере другиот, да се разбере друга култура и контекстот во кој едно дело е создадено. Се учи да се биде толерантен. Се учи да не се осудува. Се учи дека секој има свое мислење и свој став и дека тоа треба да се почитува. Се учи да се слуша... Толку многу работи се учат на часот по ликовно! Зарем не е часот по ликовно образование најбитниот училиштен предмет?

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни