X
 31.07.2023 Здравје

Кога високите температури можат да станат смртоносни?

Од сите екстремни временски услови, високата температура е најсмртоносна. Ваквите временски услови убиваат повеќе луѓе во САД отколку ураганите, торнадата и поплавите заедно. Човечкото тело има природен механизам за ладење преку потта, но некогаш и тоа не е доволно. Еве што може да му се случи на телото на екстремно високи температури, а може да доведе до смрт.

Оштетување на органите предизвикано од топлотен удар

Кога температурата надвор се приближува до внатрешната телесна температура, што е околу 37 Целзиусови степени за повеќето, телото почнува да се поти за да се излади. Меѓутоа, кога влажноста е висока, потта не испарува добро и не го лади телото ефикасно.

Телото почнува да пренасочува повеќе крв кон кожата, а тоа значи дека се носи помалку крв и кислород до органите. Доколку овие услови траат долго, органите се во ризик, објаснува Оли Џеј, професор на Универзитетот во Сиднеј.

- Ендотоксините, кои обично живеат и остануваат во цревата, почнуваат да истекуваат од цревата и влегуваат во циркулацијата. И тоа предизвикува повеќе ефекти кои на крајот резултираат со смрт - објаснува Џеј.

На пример, овие токсини може да ги активираат белите крвни зрнца, кои може да предизвикаат згрутчување на крвта.

Кардиоваскуларен колапс

Вториот начин на кој може да дојде до смрт поради високите температури, исто така, е поврзан со крвта. Срцето мора да пумпа крв побрзо за да го одржи крвниот притисок висок, што може да направи да чувствувате вртоглавица. Ова може да биде причина за срцев удар, особено кај постарите лица и луѓето со здравствени проблеми поврзани со срцето, објаснува Џеј.

Оштетување на бубрезите поради губење течности

Третата опасност е поврзана со течностите кои се губат за време на високите температури. Преку потта може да се изгубат до 1,5 литар течности на час, вели Џеј. Доколку не ги вратите тие течности, може да дехидрирате и да се намали волуменот на крвта, што го отежнува регулирањето на крвниот притисок.


Фото: Freepik

Ова може да биде штетно за срцето и за бубрезите. Лицата со проблеми со бубрезите може да бидат особено погодени, како и лицата што извршуваат физичка работа на отворено за време на високи температури.

Како да се заштитите?

Првите знаци за умор предизвикан од високи температури се главоболка, вртоглавица, летаргија и генерално чувство на непријатност. Доколку ги препознаете знаците, треба што побргу да застанете во сенка или да влезете во студена просторија. Се советува да се пие многу вода и да се навлажнат облеката и кожата. Може да помогне миење на нозете со студена вода.

Џеј вели дека целта е да се изладите пред дополнително да го исцрпите телото, кога би можеле да почувствувате и нагони за повраќање и губење на концентрацијата. Доколку телесната температура стигне до 40 Целзиусови степени, во ризик сте од топлотен удар.

Колку топло е премногу топло?

Експертите велат дека нема една температурна граница на која телото влегува во ризик бидејќи тоа зависи од лицето. Ризикот зависи од времетраењето на изложеноста на топлина, начинот на кој телото е изложено на топлина, влажноста на воздухот итн.

Директната сончева светлина побргу го загрева телото, а високата влажност го зголемува ризикот од топлотен удар. Најстарите и најмладите се најранливи категории, иако секој може да доживее топлотен удар.

Извор: NPR
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје