X
 31.10.2016 Здравје

Црното вино посебно здраво за жените

Ресвератол, полифенолот кој е присутен во црното вино и бобинките, кикириките и чоколадата, може да придонесе за балансирање на хормоналниот состав кај жените кои патат од синдромот на полицистични јајници, кој е често одговорен за неплодност кај жените во репродуктивното доба, пишуваат француските медиуми.


Научниците од калифорнискиот универзитет во Сан Диего со суплементи од ресвератол успеале да го балансираат нивото на хормони кај 30 пациентки кои пателе од полицистични јајници.
Синдромот најчесто се дијагностицира кај жени во репродуктивната доба. Првите симптоми можат да се јават многу рано, дури и со првиот менструален циклус кај младите жени.

Зачестеноста на синдромот е од 15 до 20 проценти во текот на младоста, нешто почеста во текот на адолесценцијата (25 % ), а во перименопауза 10 %. Кај жените со полицистични јајници, фоликулите не созреваат доволно за да дојде до ослободување на јајце клетките, односно до овулација. Од се уште непозната причина, синдромот на полицистични јајници доведува до дисбаланс на хормоните, па промената на еден хормон доведува до промена и на друг хормон.

Вообичаено јајниците произведуваат мал број на машки полови хормони или тестостерон, а кај полицистичните јајници се произведуваат повеќе, што предизвикува прекин на овулацијата, појава на акни, забрзано растење на влакна по телото и лицето, дебелеење и слично. Во потешките случаи може да се развие дијабетес тип 2. Споредувајќи го нивото на хормони во крвта во почетокот и крајот на следената состојба на пациентката, лекарите заклучиле дека кај групата жени кои во текот на три месеци земале  ресвератол, нивото на тестостерон паднало за 23,1 процент, а пациентиките кои земале плацебо, тестостеронот паднал за 2,9 проценти.

На крајот од истражувањето, научниците заклучиле дека и ресвератолот има заштитна улога кога е во прашање дијабетесот. Тие кои го земале во првите три месеци биле посензитивни на инсулин. Заклучокот упатува на тоа дека ресвератолот би можел да ја подобри способноста на организмот да го искористи инсулинот и да го намали ризикот од развој на дијабетес.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје