X
 30.08.2019 Здравје

Тајната за подолг и поздрав живот: консумирајте повеќе растителни протеини

Луѓето што внесуваат повеќе растителни протеини имаат поголема веројатност да живеат подолго од оние што внесуваат повеќе животински протеини.

Истражувачите следеле речиси 71.000 средовечни Јапонци во период од две децении. Во споредба со луѓето што консумирале најмала количина растителни протеини, учесниците што најмногу консумирале растителни протеини имале 13 отсто помала веројатност да починат во текот на истражувањето и 16 отсто помала веројатност да починат од кардиоваскуларни причини.

- Претходните истражувања утврдија дека поголемото консумирање животински протеини е поврзано со зголемени хронични заболувања и смртност, додека поголемото консумирање растителни протеини е поврзано со помал ризик. Но, повеќето од овие истражувања беа спроведени врз населението од Западот, каде што консумирањето на животински протеини е многу поголемо од консумирањето растителни - изјави д-р Френк Хју, претседател на одделот за исхрана на „Харвард“.

- Во ова јапонско истражување консумирањето растителни протеини е доста големо, додека консумирањето животински протеини е прилично мало во споредба со она кај популациите од Западот - додаде Хју.

Севкупно, во истражувањето починале 12.381 лице, вклучувајќи 5.055 смртни случаи од рак, 3.025 смртни случаи од кардиоваскуларни заболувања, 1.528 од срцеви заболувања и 1.198 како резултат од цереброваскуларни заболувања.

Во текот на истражувањето луѓето што замениле само 3 отсто од црвеното место со растителни протеини имале 34 отсто помала веројатност да починат од каква било причина, 39 отсто помала веројатност да починат од карцином и 42 отсто помала веројатност да починат од срцеви заболувања.

Луѓето што замениле само 4 отсто од преработено месо во нивната исхрана со растителни протеини имале 46 отсто помала веројатност да починат од која било  причина и 50 отсто помала веројатност да починат од рак.

- Кога луѓето јадат повеќе растителни протеини, како ореви, соја и леќа, се забележува значително подобрување на кариоваскуларните ризик-фактори, како што се липидите во крвта, крвниот притисок и телесната тежина. Вреди да се напомене дека овие растителни производи не само што содржат протеини туку и други корисни хранливи материи, како што се здравите масти, минерали и фитохемикалии. Од друга страна, исхраната богата со црвено и преработено месо е поврзана со широк спектар на здравствени последици, како дијабетес, кардиоваскуларни заболувања и рак - додава Хју.

- За да живеете подолго, заменете го црвеното и преработено месо со здрави, растителни протеини, како ореви, грав, леќа и интегрални житарки. Ваквата исхрана не само што е корисна за здравјето на луѓето туку е и поодржлива за животната средина - завршува Хју.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје