Сите сме под стрес, тага, очај и конфликт, но како да знаете кои знаци покажуваат дека ви е потребна стручна помош?
Експертите тврдат дека оние на кои поради психички проблеми им е потребна професионална помош, најмалку се одлучуваат за неа.
И додека психијатриската заедница идентификацијата и лекувањето на психичките проблеми го претставува како приоритет, психолошката помош на оние кои не знаат во која состојба се, е еднакво важна. Освен што не знаете што ве мачи и беспотребно патите, вашите проблеми можат да се искомплицираат ако избегнувате да побарате професионална помош.
„Колку порано побарате помош, толку полесно експертите ќе го решат вашиот проблем. Ќе имате помалку лошо потрошено време, помалку проблемите ќе влијаат, а во целиот тој процес ќе биде вклучено помало количество на стрес“, вели психологот Даниел Рајденберг.
Психолозите сметаат дека луѓето избегнуваат да побараат помош најмногу поради стигматизација и митовите кои се вклучени во процесот на барање помош од психолог или психијатар.
Многу веруваат дека само „лудите“ одат на терапија и сметаат дека прифаќањето помош е знак за слабост или сметаат дека терапијата ќе им одземе премногу време, дека ќе биде прескапа или дека ќе ги „навлечи“ на антидепресиви. Но, ништо од тоа не е вистина“, тврди докторката Мери Алворд.
„Терапијата може да се одржува еднаш или два пати во една недела. Луѓето стравуваат дека еднаш кога ќе почнат, засекогаш ќе останат таму, но тоа не е вистина“, објаснува Алворд.
„Животот денес е тежок. На психотерапијата може да се гледа како на опуштање од стресот, слично како вежбањето или правилната исхрана. Сметајте дека тоа е еден вид на стратегија која ќе ви го олесни животот и ќе ви го намали стресот.
Помош од психијатри, социјален работник или психолог треба да побарате во следните ситуации...
Се' што чувствувате е интензивно
Сите понекогаш сме тажни или лути, но колку интензивно и често тоа ви се случува? Ако се повторува и значително влијае врз вашето функционирање, време е да побарате помош.
„Тоа може да ве парализира, да предизвика напад на паника и пред да сфатите што се случува, ќе започнете да избегнувате работи. Ако вашиот живот стане ограничен затоа што избегнувате многу работи, веројатно ова е вистински момент да побарате помош“.
Сте преживеале траума и не можете да престанете да размислувате за неа
Болката поради смртен случај во семејството, раскинувањето со саканата личност и губењето на работата можат да бидат и повеќе од доволно за барање на стручна помош. „Обично мислиме дека чувствата ќе исчезнат сами“, вели Алворд. Тагата поради нечија смрт може да влијае врз нашето секојдневно функционирање и да доведе до тоа да се оддалечиме и да се повлечеме во себе.
Ако забележите дека повеќе не правите работи во кои претходно сте уживале, можеби треба да размислете да зборувате со експерт.
Имате главоболка, тегоби и имунитетот ви е во лоша состојба
„Кога сме психички вознемирени, тоа влијае и врз нашето тело“, вели Алворд. Истражувањата потврдија дека стресот може да се манифестира на различни физички начини, од хронична тегоба со варењето до главоболка, честа настинка па дури и недостаток на либидото.
Рајденберг додава дека необичните болки како изненадното грчење на мускулите или болките во вратот се чести знаци за долготраен стрес или емотивно нерасположение.
Посегнувате кон одредени супстанции за да се справите со ситуацијата
Ако сфаќате дека сте започнале да пиете, да користите дрога, прекумерно да јадете и слично, тоа укажува дека на тој начин се надевате дека ќе ги потиснете чувствата со кои всушност треба да се соочите.
На работа не сте продуктивни и се' повеќе грешите
Промените на работа се зачестени кај луѓето кои имаат емотивни или психолошки проблеми. Можеби се чувствувате исклучено на работа. Освен промената во концентрацијата и вниманието, можеби добивате и негативни критики од шефот или колегата, што може да укажува на поголеми проблеми.
Се чувствувате исклучено од активностите во кои некогаш сте уживале
Ако се' помалку излегувате на кафе со пријателите, ако не читате книги или ги избегнувате семејните неделни ручеци, а до неодамна сте уживале во тоа, ова би можело да биде показател за сериозни проблеми.
Односите со блиските ви се влошени
Ако не можете да се отворите пред саканите и да им кажете како се
чувствувате, не можете да откриете што точно ве мачи или пак воопшто не сте весели во дружењето со блиските личности, можеби сте добар кандидат за терапија.
Можеби станува збор за многу подлабоки проблеми кои можат да се решат само со стручна помош.
Вашите пријатели ви велат дека се загрижени
Понекогаш другите луѓе можат да го воочат промените во однесувањето кои не ги забележувате, па добро би било да слушнете како стојат работите од друга перспектива.
„Ако некој ве праша дали сте разговарале со некој за вашите проблеми, за тоа како се чувствувате или ви вели дека се грижи за вас, тоа е знак дека би требало да ги послушате неговите совети“, вели Рајденберг.