Економисти од Универзитетот „Харвард“ утврдиле дека елитните колеџи ги дискриминираат студентите со средни и ниски примања, а ги преферираат апликантите од погорните слоеви на општеството, дури и кога академските квалификации им се исти.
Студијата доаѓа откако американското Министерство за образование започна истрага за сѐ поконтроверзните предности кои им се даваат на апликантите на „Харвард“ на основа на тоа дали некој од нивната фамилија студирал таму. Ова отвора нов фронт во сложената војна околу пристапот до високо образование.
Студијата на групата од „Харвард“ јасно покажува - дури и со ист број поени на тестовите, апликантите од топ-1 отсто од приходната група имале 34 отсто поголеми шанси да бидат примени на елитен колеџ, а апликантите од топ-0,1 отсто, најретката елита, имале уште поголеми шанси за добивање на писмото дека се примени.
Студентите од средната класа се под просечната стапка на прием кога станува збор за влез на елитни колеџи, додека кај студентите од пониските приходни групи е забележана повисока стапка на прием од просечно, но сѐ уште се мал дел од студентите.
- Од оваа студија заклучив дека на универзитетите од Ајви-лигата нема студенти од фамилии со ниски примања бидејќи тие не сакаат студенти со ниски примања - истакнува Сузан Дајнарски, економист од „Харвард“.
Фокусирајќи се на осум школи од Ајви-лигата, истражувачите проучувале податоци од записите за присуство на предавања и податоците за приходите меѓу 1999 и 2015 година, како и податоци за резултатите на тестовите од 2001 до 2015 година.
Студијата покажала дека меѓу студентите од фамилии со високи приходи има повисока стапка на прием затоа што се деца на алумни, како и повисоки рангирања на неакадемски атрибути како воннаставни активности и спорт. Како што пишуваат американските медиуми, поверојатно е богатите деца да спортуваат, особено ексклузивни спортови кои се тренираат на некои колеџи, како мечување.
Овие бројки се важни затоа што алумните од Ајви-лигата се најприсутни на лидерските позиции во американската влада и корпорации, како и во групите со најголеми приходи.
Извор:
Futurism