„Оскарот“ се смета за најпрестижна награда во светот на кинематографијата. Не постои актер кој не сонува еден ден да зачекори на сцената на театарот „Долби“ за да ја земе златната фигура на витез кој држи меч во рацете. Патем, фигурата не е златна, таа е направена од мешавина од калај и антимон и е покриена само со тенок слој злато. Првата церемонија на презентација се одржала на 16 мај 1929 година и оттогаш се одржува секоја година.
Јасно е дека статуетките им се даваат на заслужните актери и режисери, сè се случува во помпезна свечена атмосфера, а средствата вложени во оваа церемонија се големи. Во 90-годишната историја на постоењето на наградата, познати се пет случаи кога статуетката ја освоиле млади актери, поточно деца.
Џуди Гарланд, 17 години
На пробите за улогата на Дороти во филмот „Волшебникот од Оз“ сите ги освоила со својата непосредност и природно однесување пред камерата. Основачот на „Метро-Голдвин-Мајер“, Луис Мајер, веднаш сфатил дека пред него е идна ѕвезда и улогата ѝ била доделена на Џуди Гарланд. По премиерата на филмот, Џуди станала толку популарна што жирито за неа ја основало номинацијата за најдобра млада актерка на годината. Шест години подоцна таа родила ќерка која цел свет ќе ја знае како Лајза Минели. За жал, Џуди не успеала да види колку успешна актерка ќе стане нејзината ќерка бидејќи починала млада. Немала ни 50 години кога починала од преголема доза на барбитурат.
Пати Дјук, 16 години
Ќерката на татко алкохоличар и депресивна мајка која често ја тепала сосема случајно се нашла на филм. Кога имала само 8 години, таа им го привлекла вниманието на филмските агенти Џон и Етел Рос, кои сфатиле дека можат да заработат на неа. Голем удел од приходите од улогите што ги толкувала Пати не оделе за неа, туку за Џон и Етел. Во младоста Пати паднала во депресија и се мачела со алкохолизам, што не ѝ пречело на 16 години да освои „Оскар“ за улогата во филмот „Чудесната работничка“ од 1962 година. И таа зад себе оставила деца познати во светот на филмот - Шон и Мекензи Остин.
Ана Паквин, 11 години
Кога бил објавен кастингот за филмот „Клавир“, Ана и нејзината сестра отишле да се борат за улогата. Режисерката Џејн Кемпион била принудена да избери помеѓу 5.000 кандидати и изборот паднал на Ана, која со толкава страст ја прочитала приказната за главната хероина, што Џејн речиси паднала од столот. Во 1993 година Ана добила „Оскар“ за најдобра споредна улога и влегла во историјата како еден од најмладите добитници на оваа престижна награда.
Тејтум О'Нил, 10 години
Тејтум станала позната не само затоа што била првата љубов на Мајкл Џексон, туку и поради фактот дека како 10-годишно девојче освоила „Оскар“ за споредна улога во филмот „Месечина од хартија“, во кој партнер ѝ бил нејзиниот татко Рајан О'Нил.
Ширли Темпл, 6 години
Пред да го прослави десеттиот роденден, девојчето со ангелско лице, златни кадрици и преслатка насмевка веќе имало заработено милион долари. Иако во 1935 година наградата што ѝ била доделена официјално не се нарекувала „
Оскар“, се смета дека токму Ширли е најмладиот добитник на оваа награда, иако тогаш била наречена почесна награда за деца. До денес никој не успеал да го собори овој рекорд, што не значи дека е невозможно. Но, како што обично бидува, златокосото девојче не останало долго во светот на филмот и ја завршило кариерата кога наполнило 21 година. Останала запаметена по улогата во филмот „Малата принцеза“. Таа станала амбасадор на Америка во Гана и Чехословачка. Американскиот филмски институт во 1999 година ја стави на листата со 50 најголеми филмски легенди. Својата ѕвезда на холивудската патека на славните ја добила во 1960 година.