На прашањето дали би излегувале кога во кафулињата, клубовите, рестораните (угостителските објекти) ќе се седи само внатре одговориле 1.111 испитаници
Голем дел од граѓаните нема да излегуваат во кафуле, клуб или во ресторан ако во следниот период мора да се седи само внатре, на затворено.
Со оглед на тоа дека температурите веќе опаѓаат, особено во вечерните часови, летните тераси пред угостителските објекти сè помалку ќе бидат функционални, па дури и оние чии простории се застаклени или, пак, имаат можност за проветрување од покривот.
Сега угостителските објекти секој ден работат до 23 часот. Така е откако Владата ја усвои оваа мерка по препорака на Комисијата за заразни болести за спречување на ширењето на Kовид-19.
Ноќното излегување и забавите беа секојдневие за многумина, па затоа и ова прашање им го поставивме на граѓаните. Но, во период кога дневниот број на заболени од коронавирус се движи околу 800, нешто повеќе од половината од вкупно 1.116 испитаници на онлајн-анкетата што ја направивме велат дека нема да им дадат предност на вечерните излегувања и дружбите во кафулињата и рестораните ако во нив се седи само внатре, во затворен простор.
Иако голем дел од учесниците на анкетата посочуваат дека им недостига ноќниот живот и вечерните излегувања, кога главно се дружеле со пријателите и останувале до доцна во ноќта, сепак, овој период многумина приоритет му даваат на здравјето.
На прашањето дали би излегувале кога во кафулињата, клубовите, рестораните (угостителските објекти) ќе се седи само внатре одговориле 1.111 испитаници. Од нив 56,1 отсто, или 623 лица се изјасниле дека во тој случај воопшто нема да излегуваат и да ги посетуваат овие места.
Во угостителските објекти би продолжиле да излегуваат 27,3 отсто, или 302 лица, а 16,7 отсто или 186 сè уште не знаат, односно немаат одлучено како би постапиле во овој случај.
На студентите и на вработените најмногу им недостига дружбата во кафуле
Инаку, во анкетата учествуваа граѓани од сите возрасти, но најмногу одговараа младите, најчесто студенти од 19 до 24 години (со 33 отсто), потоа од 25 до 30 години (со 30,5 отсто), како и од 31 до 40 години (со 21,6 отсто), односно оној профил на граѓани што најчесто можат да се сретнат навечер во угостителските објекти. Во анкетата учествувале повеќе жени – 58,6 отсто.
Најголем дел од оние што одговарале на анкетата се вработени лица – 58,7 отсто. Втори што пријавиле интерес да одговараат се студентите – 26,9 отсто. Далеку зад нив се одговорите на невработените – 7,7 отсто, средношколците – 4,2 отсто и на крај на хонорарците – 2,4 отсто.
На прашањето „До колку часот најчесто се задржувате кога ќе излезете“, од вкупно 1.091 одговор, 56,9 отсто рекле дека надвор остануваат до 23 часот, 31,1 отсто се изјасниле дека остануваат до 1 часот по полноќ, а 12 отсто од анкетираните посочиле дека надвор се задржуваат повеќе од двете опции, односно остануваат подолго од 1 часот по полноќ.
Се излегува и до трипати во неделата, најчесто на отворено
Најмногу од испитаниците, или 35,2 отсто одговориле дека излегуваат два до трипати во неделата, а 31,6 отсто, или 352 лица дека излегуваат еднаш во неделата. Воопшто не излегуваат 21,9 отсто, а 11,2 отсто или 125 од анкетираните излегуваат секој ден.
Најмногу или 41,1 отсто, односно 453 испитаници се изјасниле дека кога излегуваат, тоа е на отворен простор. 32,9 отсто или 362 одговориле дека излегуваат комбинирано и на отворено и во угостителски објекти. Во кафулиња излегуваат 17,2 отсто или 189 анкетирани. Во ресторани, пак, одат 8,2 отсто или 90 лица.
Со оглед на тоа дека ноќните клубови во земјава се затворени од почетокот на корона-кризата, само 0,6 отсто или седум лица рекле дека излегуваат во овие места.
Ако треба да се седи внатре, ќе се редуцира одењето на кафе или на пијачка
Студентка која излегува два до трипати во неделата и на отворен простор, но и во угостителските објекти, а се задржува најдоцна до 23 часот, вели дека ако сега кафулињата работат само внатре, таа со сигурност ќе ги редуцира вечерните излегувања.
- Би продолжила да излегувам, но тоа ќе го правам само еднаш во неделата, а не како претходно неколку пати - посочува девојката на возраст од 19 до 24 години.
Девојка на возраст од 25 до 30 години, вработена и која излегува еднаш неделно на отворени простори и останува најдоцна до 23 часот, вели дека нема да продолжи да излегува во угостителските објекти ако треба да се седи внатре.
- Нема да се обезбеди потребното растојание, а во услови на пандемија излегувањето без некоја поважна потреба го сметам за излишно - посочува таа.
Средношколец, пак, кој излегува два до трипати во неделата и останувал и до 1 часот по полноќ, вели дека седењето во внатрешноста на кафулињата може да биде опасно за здравјето на луѓето.
- Короната зема сè поголем замав, па затоа најдобро е овој период да се избегнува ноќниот живот и да се стрпиме малку - посочи тој.
Вработена жена од 31 до 40 години, пак, посочува дека излегувањата треба да се сведат на минимум.
- Премногу е ризично да се оди во затворен простор во кафуле или ресторан, особено што во зима, покрај короната, има и други вируси, како грип - сметаа таа.
„Корона има и на работа и во автобус“
Жена на возраст од 31 до 40 години, која воедно е вработена и излегува еднаш неделно во ресторан, вели дека ќе продолжи да излегува зашто угостителските објекти не се единственото место каде што се шири вирусот.
- Короната се шири и во автобус и на работа, каде што хигиената е никаква, а и повеќе вработени одиме во еден тоалет. Проблемот е што нема доволна изолација, така што кафулињата немаат врска со ширењето на короната - посочува таа.
Жена на истата возраст, која излегувала два до трипати во неделата, вели дека ситуацијата со кафулињата ќе зависи од тоа како внатре ќе биде обезбеден просторот за седење и дали има опција да се проветрува кафулето. Од тоа ќе зависи и нејзиното излегување.
- Некои кафулиња имаат заграден простор со стакло и веројатно таму би било побезбедно. Нема често да се излегува, но не можеме да се изолираме од сè, целосно да се затвориме дома. Одењето на работа и седењето таму во затворен простор го носи исто така ризикот, зашто секако во канцеларија не седиме сами, туку имаме и други колеги - посочува таа.
Мерките гарантираат безбедност и во кафуле
Хонорарно вработена на возраст од 31 до 40 години, која излегува два до трипати во неделата и на отворени простори, но е посетител и на кафулињата и рестораните и останува после 1 часот по полноќ, вели дека ќе продолжи да излегува, но воедно ќе ги почитува мерките и во угостителските објекти.
- Не можеме комплетно да се затвориме и да седиме само дома. Треба да се дружиме и да комуницираме со луѓе. Изолирањето не е добро за психичката состојба на луѓето. Пандемијата секако ќе трае, треба да се приспособиме и во кафуле да ги почитуваме мерките - посочува жената.
Вработена жена на возраст од 31 до 40 години, која излегува еднаш неделно и тоа на отворено, вели дека би продолжила да излегува во угостителските објекти само ако се почитуваат соодветно пропишаните протоколи.
- Ако се држи соодветна дистанца меѓу масите во угостителските објекти и бројот на гости на една маса е ограничен, би седела повремено со пријател или партнер, како што тоа е случај во сите останати европски земји - вели жената.
Некои млади не се откажуваат од ноќниот живот
Студентка која излегува секој ден во кафулињата вели дека би продолжила и понатаму со истата практика.
- Ноќниот живот и дружењето за една млада личност се важни многу повеќе отколку седењето дома во четири ѕида - посочува таа.
Истото го смета и момче на возраст од 19 до 24 години, кој иако е вработен, излегува два до трипати во неделата. Не планира ништо да менува, иако состојбата со коронавирусот носи опасност.
- Нормално дека ќе продолжам да излегувам. На 22 години морам да продолжам со животот - посочува тој.
Девојка, која има од 25 до 30 години, вели дека иако излегува еднаш во неделата во кафулиња и останува до крајот на нивното работно време, сепак, нема да се откаже од таа навика зашто тоа во овој период ѝ е единствениот начин за релаксација во животот.
- Во ова време-невреме потребно ми е да испијам кафе или пијачка со најблиската другарка барем еднаш во неделата за да се расположам и да заборавам на лошите вести што секојдневно нè опкружуваат. Секако, внимаваме и одиме на места каде што масите се навистина на растојание од 1,5 до 2 метра и внатре не е преполно - посочува младата девојка.
Од почетокот на корона-кризата во земјава прво се затворија кафулињата, рестораните и ноќните клубови. По олабавувањето на мерките на почетокот од јуни почнаа со работа само кафулињата и рестораните, и тоа до полноќ, односно до 1 часот по полноќ во викендите. Ноќните клубови и дискотеките воопшто не се отворија.
Фото: Борче Поповски