X
 26.03.2020 Живот

Како финските бизниси се приспособуваат на кризата поради коронавирусот?

Негативните ефекти од појавата на коронавирусот ги чувствуваат и луѓето и компаниите, па мора да го променат нивниот начин на дејствување и живеење.

Една од последиците со кои се соочуваат бизнисите е заканата од банкрот, вели Стопанската комора на Финска. Колку сериозно влијае пандемијата врз бизнисите и нивниот начин на дејствување, прочитајте подолу.

Мал бизнис


Емилија Вихеркоски донела одлука да ги затвори вратите на нејзиното студио за јога во Хелсинки еден ден пред владата да објави забрана за собирање на повеќе од 10 лица и затворање на сите културни и спортски институции.

- Чекавме владата да објави нешто, но на крајот сами одлучивме да преземеме одговорност - вели таа.

Вихеркоски вели дека затворањето на нејзиното студио било мотивирано од чувството на одговорност кон вработените и здравјето на клиентите, но тоа многу ја чинело.

joga
Фото: Pixabay

- Откажавме 60 часа неделно, така што губиме многу пари. Наставниците по јога се самовработени и затоа се во неволја - вели таа.

Како приспособување на светот каде што е задолжително социјалното дистанцирање, нејзиното студио почна да нуди часови по јога онлајн, емитувајќи во живо преку интернет.

- Безбедна средина е, па затоа продолжуваме - вели Вихеркоски.

Бизнис-осигурувањето на нејзиното студио не покрива прекин во работата како резултат на сегашната епидемија, а Вихеркоски мисли дека бизнисите нема да добијат никаква помош од владата.

- Малите бизниси нема да бидат спасени, не знам дали ќе добиеме поддршка. Моментално преживуваме и правиме сè што можеме. Мораме да бидеме оптимисти, во спротивно треба да затвориме - вели таа.

Пиварница


Петери Вантинен, извршен директор на „Олаф Бруинг“ во Савонлина, работи на производната линија полнејќи шишиња. „Олаф Бруинг“ обично создава пиво, но овие шишиња се сосема различни.

- Од минатата недела немаме направено пиво, само средство за дезинфекција на рацете - вели Петери.

Промената во производството доаѓа откако нарачките од клиентите, како барови и ресторани, значително се намалиле, иако Вантинен вели дека бил мотивиран и од друго.

pivo
Фото: Pixabay

- Мора да се осигуриме дека нашиот бизнис преживува, но исто така се обидуваме да помогнеме да го ограничиме ширењето на вирусот - вели тој.

„Олаф Бруинг“ е една од многуте пиварници и дестилерии, како во Финска така и во целиот свет, што го пренамени производството во средства за дезинфекција базирани на алкохол, едни од најбараните производи во светот за време на пандемијата.

- Не можев да ја замислам оваа ситуација пред една недела. Има многу луѓе што бараат вакво средство, не можеме да престигнеме со производството - објаснува Вантинен.

Поради неизвесноста колку долго може да трае епидемијата (процените велат дека може да трае и во текот на летото), „Олаф Бруинг“ ја истражува можноста за продолжување на производството на средства за дезинфекција на долгорочен план.

- Не сакам да се откажам од правење пиво, но разумен избор е да создавам средства за дезинфекција на раце - вели тој.

Технологија за испорака


„Волт“ со седиште во Хелсинки е добро позната компанија во Финска. Неодамна беше именуван како еден од најбрзорастечките бизниси во Европа од „Фајненшал тајмс“.

Но, како компанија чија деловна активност се потпира на прехранбената индустрија која е погодена од коронавирусот и чие секојдневно работење се потпира на личен контакт, таа морала да направи промени.

Најзабележителната промена е воведувањето „испорака без контакт“, чија цел е да го минимизира ризикот од ширење на коронавирусот.

hrrana
Фото: Pixabay

- Овој чекор е она што треба да се направи под тековните околности. Го минимизиравме човечкиот контакт во текот на целиот процес на испорака на „Волат“, вклучително и испорака без контакт во рестораните. Ова значи дека персоналот ја остава нарачката на посебна работна маса од каде што ја зема курирот - вели Хенрик Панакакоски, генерален директор на „Волт“.

„Волт“ заедно со другите стартапи за испорака на храна, како „Фудора“ и „Деливеро“, се соочува со критики за третманот кон самовработените работници што испорачуваат храна во нивно име. Но, Панакакоски рече дека промените на „Волт“ ги земаат предвид.

- Важно е да се напомене дека ова не се однесува само на клиентите. Безбедноста на куририте е исто толку важна, и затоа куририте можат да изберат да вршат испораки без контакт - вели тој.

Кале Кивекас, извршен директор на „Бизнис Финска“, владина агенција задолжена за поддржување на финските бизниси што се соочуваат со економскиот исход на коронавирусот, вели дека се истражуваат последиците со кои ќе се соочат финските компании.


„Бизнис Финска“ се приспособува на ненадејната криза и се фокусира на помагање на финските фирми.


- Како специјална алатка лансиравме нови инструменти за финансирање што ќе бидат отворени за апликации од четврток - велат тие.

Извор: Yle.fi
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот