X
 31.10.2020 Култура

Сребрена палма за „Врба“ на Манчевски во Валенсија

За една недела „Врба“ освои две награди на два континента

Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски ја освои престижната Сребрената палма на филмскиот фестивал во Валенсија, Шпанија. Жирито на 35. издание на еден од најголемите европски фестивали синоќа му ја додели наградата со образложение дека е „одлично режиран филм што го истражува концептот на мајчинството низ потрагата по љубов на три жени“.

Ова беше многу успешна недела за „Врба“ во која освои 2 награди на два континента – Сребрената палма ја круниса шпанската премиера, а во понеделникот доби награда за Најдобар филм на фестивалот Синеквест во САД каде ја имаше американската премиера.

Режисерот Манчевски лично присуствуваше во Валенсија, а неговиот филм имаше одлични одгласи во шпанските медиуми. Во ласкавите оценки на шпанската критика за „Врба“ се вели дека е „величествен филм“, „брилијантен, перфектно балансиран“, „ Манчевски мајсторски ги испреплетува трите приказни“, „им пристапува на овие многу женски искуства со најголема почит и чувствителност“, „две моќни, предизвикувачки и прекрасно одиграни драми“, како и дека: „Емоционалните предизвици на бременоста и посвојувањето се рефлектираат со толку многу вистина, чувствителност и почит што се чини неверојатно дека ова женско дело е режирано од маж. Манчевски тврди дека 'луѓето се луѓе' и дека 'Врба' зборува за човечките искуства“.

Двете награди неделава за „Врба“ се надоврзуваат на големите интернационални успеси изминатиов период: во септември беше избран во селекцијата за престижната награда за најдобар филм на Европската филмска академија (ЕФА) позната и како Европски Оскар, а доби и две номинации (за најдобар игран филм и за најдобар режисер) на еден од најголемите фестивали за независен филм Рејнденс во Лондон кој ќе се одржи во ноември.

Во изминатава една година од светската премиера на фестивалот во Рим, „Врба“ постигна рекорди во кино и тв-прикажувањето дома, одлични критики во светските медиуми, над 20 фестивали на четири континенти, и 4 награди, а филмот го продолжува фестивалскиот поход со несмалено темпо што времено беше запрено поради Ковид-19 пандемијата. Исто така, се очекува следната недела „Врба“ да се врати и во македонските кина, како дел од програмата на кино Синеплекс во Скопје.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура