X
 03.11.2019 Култура

„Врба“ - сага за копнежот да се има дете

„Врба“ е можеби најтоплиот и најемотивниот филм на Милчо Манчевски. Филм кој пробудува сочувство и кај најкоравото срце во публиката. Откако ќе го изгледате „Врба“, не ви се зборува веднаш. Чувствувате, знаете како ѝ е на секоја жална врба што сте ја сретнале. Тоа ви се случува кога ќе погледнете филм што ве допрел. Едноставно, имате потреба да ѝ дозволите на тишината да ве обземе, но и да понира во вас.

Сара Климоска и Никола Ристески

„Врба“ е сага за родителството, за желбата да се има дете. По секоја цена. Иако приказната е доминантно водена преку женските ликови, во ниеден момент машките не се помалку важни. Напротив, Манчевски многу добро доловува колку и мажите имаат право да чувствуваат болка и среќа кога кога станува збор за темата да се има дете.

Сара Климоска

„Врба“ е многу чиста приказна во својот наратив. Иако сме научени филмовите на Манчевски понекогаш да нѐ збунат, да нѐ остават да нуркаме во значењето и барањето симболики, во „Врба“ секој од нас станува некој од ликовите. „Играј со срце, не со разум“ – е едно од начелата врз кои работи Манчевски со актерите. Тоа го гледа публиката и го доживува како таа да е ликот.


Наталија Теодосиева

Манчевски и овде ја користи структурата на триптих, препознатливата за него и омилена, поместена во две времиња и три приказни. Омиленото Мариово и овој пат е како лик рамноправен со останатите. Тишината на местото е во дослух со тишината на двата лика Донка (Сара Климоска) и Милан (Никола Ристески). Иако за актер нема лесна и тешка улога, можеби поголем товар им беше ним двајцата, со оглед на тоа дека играат ликови од пред повеќе векови. Но, Климоска и Ристески се маестрални во тоа и постои многу хемија меѓу нив на платното! Тежината на животот во рурални услови, искомбинирана со уште поголемата тежина што ја носат во срцата, маката да добијат дете што поскоро, допира до публиката. Камерата многу моќно ги доловува крупните кадри во важни моменти, доближувајќи ни ги ликовите уште повеќе. Ратка Радмановиќ (во улога на вештерката Сребра), е омилена актерка на Манчевски од постарата генерација. Таа и овде креира силна епизодна улога.


Ненад Нацев

Во вториот дел на филмот, поместен во секојдневјето, ги среќаваме Родна (Наталија Теодосиева), нејзината сестра Катарина (Камка Тоциновски) и Бранко (Ненад Нацев). Родна е пргава девојка која сака да сака и да биде сакана. Го запознава Бранко на невообичаен начин (тој е таксист и на пороен дожд чека на тротоар да дојде полиција зашто е виновен што удрил човек возејќи). Манчевски веднаш ни открива голем дел од карактерите на овие ликови. Љубовта меѓу нив е толку силна што ја совладува тегобата на времето што мора да помине за да им се случи рожба. Режисерот овде отвора многу важно прашање за изборот – дали да имам дете по секоја цена, знаејќи го фактот дека нема сè да биде в ред со тоа дете? Тој не можел да избере подобри актери за овие улоги. Теодосиева со игрива леснотија го креира ликот на Родна, а Нацев го креирал најемотивниот лик во филмот, толку добро, што ви доаѓа да го прегрнете.

Камка Тоциновски е актерка која умее вешто да одигра многу различни улоги. Одушевува со каква силина го изградила ликот на жена која одлучила да посвои дете за да има дете. Во нејзиниот лик ќе ја пронајдете големината на секоја жена која сака да стане мајка, без разлика дали таа го родила. Малиот Петар Царановиќ во улогата на Кире и е одличен партнер на Тоциновски.

Камка Тоциновски

Големите режисери не избираат актери кои се веќе ѕвезди, но на одлични актери им подава рака и им дава шанса да ги види светот. Манчевски, овој пат заедно со кастинг-директорката Милка Анчевска, го направи тоа и во „Врба“.
И во овој филм на Манчевски, музиката е многу важен елемент. Музиката на Кирил Џајковски, но и изборите на песни (Роџевски, Шпато...) ви ја дрмаат душата.
Во години на големи проблесоци („Медена земја“, „Исцелител“, „Господ постои... името и е Петрунија“...), „Врба“ е уште еден бисер на ѓерданот на македонската кинематографија, кој Манчевски уште еднаш го потврдува како наше духовно богатство.


Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура