X
 30.10.2019 Култура

Манчевски: „Врба“ не е женски филм, туку е за луѓето. Тој е трагедија со среќен крај

Ретко се случува македонската публика да види нов филм веднаш откако имал светска премиера на голем интернационален фестивал. Но, тоа не е случајот со „Врба“, новиот филм на Милчо Манчевски, чија премиера ќе биде в петок, 1 ноември, во Македонската филхармонија. Филмот од истиот датум ќе се прикажува и во киносалите во „Синеплекс“ и во „Милениум“, како и во Битола, Охрид, Штип, Прилеп.

- Привилегија е да го споделиме „Врба“ со македонската публика. Тоа ѝ го должиме - рече продуцентот Јане Ќортошев на денешната прес-конференција.
Го очекувам успехот што го имавме во Рим, рече Манчевски.
- Доволно долго го подготвував филмот и знаев дека „Врба“ ќе има добар прием. Можам да кажам дека првпат имав прекрасен процес на работа, за што многу им благодарам и на продуцентите и на целата екипа - изјави Манчевски.


Милчо Манчевски

Режисерот најави дека филмот има машка и женска верзија. Машката ќе се прикажува во „Милениум“, а женската во „Синеплекс“.
- Разликата не е голема, во должина - 15 минути, а не станува збор ниту за машки ниту за женски поглед на светот. Женската верзија е подлабока, а машката - подинамична.
Филмот е трагедија со среќен крај, нешто слично на животот.
Актерите споделија позитивно искуство од соработката со целата екипа, а особено од приемот во Рим.

- Премиерата во Рим ни беше огромен притисок, особено што филмот го гледаше феноменална публика, со многу високи критериуми. Горда сум на целата екипа. Тешката тишина по завршувањето на филмот беше за публиката да се соземе. Тоа за мене беше најдрагоцено чувство и поради тоа сакам што го работам ова - рече Сара Климоска.


Сара Климоска, Милчо Манчевски и Наталија Теодосиева

Во филмот една од главните улоги ја толкува Камка Тоциновски. Главните машки улоги ги толкуваат Ненад Нацев и Никола Ристески. Ристески, кој дипломирал во иста класа со Климоска, ѝ е партнер во филмот. Тие го снимаа делот во средновековието.
- Добивме литература, многу читавме за материјалната, духовната и социјалната култура на Македонците од тој период. На самиот сет имавме етнолог, етномузиколог, за да бидеме што поавтентични. Поминав време и на село, научив да жнеам, орав со волови. Тој процес на учење беше одличен и затоа снимањето беше поедноставно - рече Ристески.
Кастингот е можеби најважниот дел од процесот на правење филм, истакна режисерот.
- Секогаш го работам на сличен начин. Трае долго и студиозно. Го гледаме секој потенцијален глумец што би бил соодветен, најважен е за мене занаетот на глумецот и колку има енергија соодветна за филмот. Може да се случи да биде прекрасен актер, но не е соодветен за некоја улога. Јас сум исклучително задоволен од изборот и сите улоги се феноменални. Ние имаме одлични глумци и најважно е тие да добијат текст и улоги за да го покажат талентот. Кастингот траеше 4 месеци. Милка Анчевска феноменално го сработи кастингот. Таа има светско ниво - истакна Манчевски.



За актерката Наталија Теодосиева, важно е што мислат луѓето што ќе го видат филмот дома.
- Немам големи очекувања, само сакам да тече со природен тек. Отворена сум за секакви критики, коментари - вели таа.

На прашањето на Факултети.мк дали намерно темата на мајчинството доаѓа по филмот „Мајки“, Манчевски вели дека тоа не го направил свесно.
- Никогаш не тргнувам од програма или од порака или намера. Тие секогаш произлегуваат од материјалот од приказната, од работата со глумците, од процесот. Идејата сама се кристализира од процесот. Моето уверување и искуство вели дека ако тргнете од идеја, резултатот ќе биде крут, ќе ги нема елеганцијата и леснотијата. И во крајна линија, мислам дека пораката не е најважна. Чувството и поврзувањето на човек со човек, макар и со тој еден единствен гледач што би го сакал, и тоа е сосема доволно. Во случајов, тргнавме од ситуација на неколку луѓе, потенцијални мајки и татковци, и таа се развиваше. Кога ќе ги наредите на маса моите филмови, може изгледа дека преовладува темата на мајчинството, но чесен збор, не е така.

Во однос на процесот на менување детали во сценариото, режисерот објасни дека имало ситуации каде што сцената ја менувале откако ќе откриеле колку се разликувало, на пример, однесувањето на луѓето пред шест века.
- Кога добар глумец ја има улогата во свои раце, го поседува ликот повеќе од сценаристот. На пример, на последната најдраматична сцена на Нацев ја прифатив неговата идеја, иако ја снимивме и по мое. Верувам дека е многу важно костурот на филмот да биде ист. Заплетот да биде јасен - вели тој.

Фото: МИА

Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура