X
 31.10.2021 Култура

Сѐ што треба да знаете за петтата сезона на серијата „Круната“

Следната сезона на оригиналната серија „Круната“ на „Нетфликс“ се очекува да го опфати разводот на принцот Чарлс и Дијана, како и трагичната смрт на принцезата во 1997 година.

Кој ќе ја глуми кралицата во петтата сезона на серијата?


Имелда Стаунтон, најпозната по улогата на Долорес Амбриџ во „Хари Потер“, како и улогата номинирана за „Оскар“ во „Вера Дрејк“, ќе ја наследи Оливија Колман во петтата сезона.

Кој друг ќе се појави во петтата сезона на „Круната“?


Елизабет Дебицки ќе ја глуми принцезата Дијана, преземајќи ја улогата од Ема Корин.

- Моја привилегија и чест е да се приклучам на оваа маестрална серија, која апсолутно ме навлече уште од првата епизода - рече Дебицки.

Доминик Вест ќе се појави во улогата на принцот Чарлс, преземајќи ја улогата од Џош О'Конор.

Лесли Менвил ќе се појави како принцезата Маргарет, а Џонатан Прајс од „Игра на троновите“ ќе се појави во улогата на принцот Филип, војводата од Единбург.

Кој временски период ќе биде опфатен во петтата сезона на „Круната“?


До денес, секој дел од серијата траеше приближно една деценија. Имајќи го тоа на ум, петтата сезона би можела да почне во раните 90-ти и да заврши во раните 2000-ти.

Деценијата за која станува збор беше особено бурна за кралицата, со многу инциденти зрели за драматизација. Во 1992 година таа одржа говор на 40-годишнината од нејзиното доаѓање на власт во кој ја опиша таа година како ужасна. Во овој период доживеа распад на браковите на три од нејзините деца: разделбата на принцот Ендру и Сара Фергусон во март; разводот на принцезата Ана од Марк Филипс и разделбата на принцот Чарлс и принцезата Дијана, која беше објавена во декември. Сето ова беше обележано и со пожар во замокот Виндзор, што на крајот доведе до тоа кралицата да плати данок на нејзиниот приход и да ја отвори Бакингемската палата за јавноста за да помогне во финансирањето на реставрацијата.

На 26 октомври беше објавено дека озлогласеното интервју на принцезата Дијана за „Панорама“ од ноември 1995 година може да биде во фокус на цела епизода во петтата сезона, како и нејзиното верување дека „во овој брак бевме тројца“. „Нетфликс“ допрва треба да ја потврди веста.

2
Фото: Instagram

Во петтата сезона ќе се појават и евентуалниот развод на Дијана и Чарлс во 1996 година и трагичната смрт на принцезата во август 1997 година. Други значајни настани ја вклучуваат златната годишнина од бракот на кралицата во 1997 година, смртта на принцезата Маргарет и кралицата мајка во 2002 година и златниот јубилеј во 2002 година. Настан на кој обожавателите се надеваат е и првата средба помеѓу принцот Вилијам и Кејт Мидлтон, која се случи во 2001 година кога и двајцата студирале на Универзитетот во Сент Ендрјус.

Кога ќе биде објавена петтата сезона?

Петтата сезона ќе пристигне во ноември 2022 година.

Дали ќе има шеста сезона?

Да. Иако Морган претходно објави дека петтата сезона ќе биде последната за „Круната“, подоцна се премисли, потврдувајќи дека ќе има шеста сезона.



Извор: Vogue.com
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура