X
 14.04.2019 Култура

Што по „Игра на троновите“?

Крајот се ближи. „Игра на троновите“ се враќа на екраните в понеделник со последната, осма сезона. Може да се каже дека никој не знае како ќе се одвиваат последните шест епизоди, но откако еднаш ќе пристигне снегот во Вестерос (или што останало од него) и откако ќе се запечатат судбините на Старк, Ланистер и Таргариен, останува едно прашање - за што ќе разговараме следно?

Уште од релативно скромниот почеток во 2011 година, Ејч-би-о сагата стана културен феномен. Серијата е базирана врз серијалот книги на Џорџ Р. Р. Мартин - „Песна за мраз и оган“, наводно висока фантазија, со змејови, џинови и мистични волци. Но, истовремено е и политичка драма што се случува меѓу завојувачко царство што не е слично на Велика Британија, кое има десетици илјади години комплексна историја. Над сè, „Игра на троновите“ е најблиското нешто на телевизијата до блокбастер: серија произведена на ниво што одговара на најголемите буџетски филмови. Исто така, позната е меѓу критичарите како монокултурна старомодна серија консумирана недела во недела, со милиони посветени фанови што едвај чекаат да дискутираат за тоа што се случило по завршувањето на секоја епизода. Навистина, „Игра на троновите“ ја обедини публиката низ целиот свет.

sansa
Фото: НВО

И додека „Игра на троновите“ ја промени телевизијата, исто така вистина е дека телевизијата сама се промени за време на прикажувањето на серијата. Како што беснееја војните низ Седумте кралства во Вестерос, традиционалната телевизија беше узурпирана од услугите за стриминг, нелинеарното гледање и „бинџ“ културата, каде што потрошувачите наместо трпеливо да чекаат епизода што се емитува еднаш неделно, ја гледаат цела сезона без пауза.

И додека луѓето се обидуваат да предвидат што ќе се случи наредно, вистината е дека можеби никогаш повеќе нема да постои ваква серија со толку универзално културно влијание.

- Не верувам дека ќе има друга серија што ќе доминира во разговорите колку што доминираше „Игра на троновите“ во последниве години - вели Сара Хјуз, критичарка за „Гардијан“.

Секако дека постојат продуценти што очајно се обидуваат да го реплицираат успехот на „Игра на троновите“. „Амазон“ потроши речиси 1 милијарда долари за серија „претходник“ на „Господар на прстените“, додека Ејч-би-о развива серија врз основа на култната серија „Вачмен“. Тука се и сериите „претходници“ на „Игра на троновите“; пет се нарачани од Ејч-би-о, но само една во моментот е во развој и прикажува што се случувало 10.000 години пред моменталната серија.

Роберт Гринблат, новиот претседател на „Варнер Медиа“, компанија што ја поседува Ејч-би-о, посочи дека е тешка битка кога станува збор за успехот на сериите.

- Последното нешто што сакате да го направите е спиноф-серии кои нема да бидат во согласност со стандардите на оригиналното шоу. Тоа значи дека очајно не сте успеале. Дали можете да направите два спинофи? Не знам. Не сум сигурен и дека можете да направите еден - вели тој.

Хјуз не е сигурна дали некој од овие спинофи ќе биде успешен како оригиналната серија.

- „Игра на троновите“ е единствената серија што се гледа истовремено низ светот, без оглед на тоа колку е часот, без оглед на тоа кога сте го наместиле алармот. Искрено, не можам да замислам дека може да се повтори нешто слично - вели Хјуз.

Според Кирон Батлер, предавач за телевизиска продукција на Универзитетот „Солент“ во Саутемптон, не сме го виделе крајот на монокултурната ера.

- Никогаш не постоела поголема желба за голема, блокбастерска серија, а на овие серии им е потребно време за да создадат публика. „Игра на троновите“ имаше посветени фанови поради книги, но собра дополнителни фанови особено по третата сезона - вели Батлер.

Тој исто така смета дека телевизијата сè уште има предност кога станува збор за влијание.

- Се сеќавам кога „Твин Пикс“ се врати во 2017 година. Бев изненаден и ми се допаѓаше идејата. Дури и стигнав до точка да останам до два часот наутро за да гледам во живо. Тука „Нетфликс“ и нејзините серии не успеваат; пакувањето од сите епизоди, сè да дојде наеднаш, нема чувство на исчекување, кога можете еден викенд да изгледате сè. И кога група луѓе не гледаат заедно, разговорите околу серијата се многу потешки - вели Батлер.

Голема е веројатноста дека вистинскиот наследник на „Игра на троновите“ нема да биде ништо слично.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура