Додека некои се занимаваат со разоткривање на ликот на Сатоши Накамото, други поставуваат споменици во негова чест, кои ја слават токму оваа тајност на создавачот на биткоинот. Минатата недела, се одржа „План ₿ форум“, конференција посветена на промовирање на употребата на биткоин и блокчејн, во швајцарскиот град Лугано, организирана од локалните власти и независната иницијатива „План ₿“. Во рамките на настанот, тој град, инаку еден од предводниците на дигитализацијата и поддршката за криптовалутите, доби и споменик на Сатоши.
Статуата што „исчезнува“
Поставена во паркот Циани, во близина на брегот на езерото Лугано, статуата прикажува фигура на непозната личност која седи и држи лаптоп во скутот.
- Статуата ја истакнува суштината на мистеријата и иновативноста на Сатоши Накамото. Дизајнирана да си поигра со перцепцијата, статуата постепено исчезнува додека гледачот ја менува својата перспектива, симболизирајќи го повлекувањето на Сатоши од очите на јавноста по поставувањето на темелите на револуционерниот финансиски систем - објаснува Валентина Пикози, авторка на ова уметничко дело и менаџер на уметничкото студио „Сатошигалери“.
Така, споменикот е видлив од различни агли, но кога го гледате во лицето, станува проѕирен. Споменикот служи како потсетник дека иако идентитетот на Сатоши е непознат, принципите на децентрализација и финансиски суверенитет продолжуваат да напредуваат онака како што тој ги замислил.
- Одлуката на Сатоши да се повлече и да ја остави заедницата да води ја покажува вистинската суштина на децентрализацијата. Ова уметничко дело служи како потсетник за трајното влијание на визијата на Сатоши, што нè инспирира да продолжиме да ги поместуваме границите на иновациите и финансиската слобода - вели Паоло Ародино, извршен директор на „Тетер“, еден од организаторите на годишната конференција на „План ₿ форум“.
Извор:
Bug.hr
Фото: Satoshigallery/X