X
 31.12.2018 Забава

Како се прославува Нова година во светот?

Иако Нова година е интернационален празник, во секоја земја се прославува на различен начин.

Италијанците низ прозорец ги фрлаат старите работи и стариот мебел. Жителите на Панама се трудат да викаат што е можно погласно, а ги активираат и сирените на своите автомобили. Во Еквадор, пак, особено значење ѝ се придава на долната облека, која носи љубов и пари. Во Бугарија по полноќ се гаси светлото бидејќи првите минути од новата година се време за бакнежи. Ѕвоната во Јапонија не ѕвонат 12, туку 108 пати, а најпосакуваниот новогодишен подарок се греблата - да се закопа среќата. И така, од една земја до друга, речиси во секоја има различни обичаи.

Во престолнината на Јужноафриканската Република, Јоханесбург, жителите на еден кварт традиционално ја слават Новата година исфрлајќи низ прозорец различни предмети - од шишиња до поголеми парчиња мебел. Тамошната полиција дури и го затвора фреквентниот кварт за сообраќај и ги замолува жителите да не фрлаат фрижидери преку прозорец во текот на најлудата ноќ. Според нив, овој обичај е многу опасен. На жителите им се делат летоци со молба да не се пука со огнено оружје. Во текот на новогодишната ноќ таму, за секој случај, патролираат повеќе од сто полицајци.

Пред Нова година децата во Швајцарија ја одбираат својата кралица Лучија. Ја облекуваат во бел фустан и на главата ѝ ставаат круна со запалени свеќи. Лучија им носи подароци на децата и храна за домашните миленици. Во текот на празничната ноќ во куќите не се гаси светлото, а и улиците се многу осветлени.

Во Непал Нова година се чека од изгрејсонце. Ноќта кога има полна месечина Непалците палат огромен оган и во него фрлаат сѐ што не им е потребно. Следниот ден започнува празникот на боите. Луѓето си ги бојат лицата, рацете и градите и цртаат необични шари, а потоа пеат и играат на улица.

Детскиот новогодишен празник на Куба се вика Ден на кралевите. Пред празникот децата им пишуваат писма на кралевите со желби, а тие им носат традиционални подароци, играчки. А возрасните на 31 декември вечерта ги полнат садовите со вода и кратко пред полноќ почнуваат да ја истураат низ прозорците. Симболично, тие сакаат сѐ да биде чисто и светло како водата. А додека часовникот означува полноќ, обичај е да се изедат 12 црни гроздови, за секој месец по еден, за цела година да ги следи мир.

Во Панама е малку поинаку. Точно на полноќ почнуваат да ѕвонат ѕвоната на сите цркви, да „завиваат“ сирени, да трубат возачите на автомобилите и сите што во тој момент ќе се најдат на улица почнуваат да викаат најмногу што можат. Децата удираат во сѐ што ќе стигнат. И сето тоа за да се одоброволи годината што доаѓа.

Унгарците, за да ги истераат лошите духови во првата „судбоносна“ секунда од новата година, почнуваат да свират.

Грците, пак, вечерта на 31 декември остануваат дома и веднаш по полноќ почнуваат да играат карти за среќа. И така до раните утрински часови. Дури вечерта на први јануари излегуваат за да се забавуваат. Децата оставаат црвена чизма на прозорецот надевајќи се дека свети Василиј (Дедо Мраз) ќе ја наполни со подароци.

Во Мајнмар Новата година настапува меѓу 12 и 17 април. Точниот датум секоја година го одредува Министерството за култура со указ. Според древните верувања, боговите на дождот живеат на ѕвездите. Понекогаш сите богови се среќаваат на крајот од небото за да си поиграат. Тогаш на земјата врне дожд кој ветува добар род. За да ја добијат наклонетоста од ѕвездените духови, луѓето измислеле натпреварување во влечење јаже. Во тие натпревари учествуваат мажи од две села, а ако се одржуваат во град, од две маала. А жените и децата ракоплескаат и викаат за да ги натераат мрзливите духови да работат.

Во Израел Новата година ја дочекуваат во првите два дена од септември. Тие денови се предвидени за молитви. По обичај пред празникот се јаде посебна храна: јаболка со мед, калинка и риба како симбол за надеж за успешна следна година. Секој вид храна е придружен со молитва. Во основа се јаде слатка храна, додека лутата се избегнува. Во текот на првиот ден се оди покрај вода и таму повторно се кажува молитва.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава