X
 01.06.2021 Наша тема

Штом се дозволуваат свадби, да се дозволат и матурски прослави, па макар групирани по класови, бараат матурантите

Некои имаа среќа во животот да слават и 60-годишнина од матура, а годинашните матуранти, како и тие од минатата година, немаат можност да ја прослават ни главната матурска забава. И годинава пандемијата ги замолкна тапаните по училишните дворови, го прекина матурското оро, младинскиот кадрил, прославите до раните утрински часови, планирањето на партнерските двојки, шопингот во Солун, но, пред сè, ја згасна возбудата. Матурантите се со измешани чувства. Едни велат дека пропуштената матурска забава не е главната трагедија во средношколскиот живот, туку изгубените моменти, како што се дружбите и екскурзиите.. За други, без матурска прослава од средното училиште ќе ги запомнат само стресовите за матурскиот испит.

Трошка надеж дека ќе се видат во живо класовите кои цела година се гледаа преку камера, онлајн, побуди олеснувањето на мерките за заштита од ковид-19 и дозволеното одржување на свадби и прослави на отворено со максимум до 100 гости. Тешко дека матурантите ќе можат да ја запазат бројката зашто во некои училишта генерациите се помногубројни. Но, се отвора можност да прослават барем со класот, иако тоа нема да биде генерациска матура.


Фото: Архива

Ако ја пропуштиме прославата, тоа не е главна трагедија, пропуштивме дружби и екскурзии

- Не мислам дека славењето матура е главната трагедија во пандемијата. Сметам дека е тажно што ги изгубивме најубавите мигови од средното образование. Ние не само што не славиме матура, туку не бевме ни на екскурзија, не се дружевме на часови цела година, ниту пак имавме интеракција со соучениците една и пол година. Трагедијата се темели врз изгубените моменти, па затоа и матурската вечер е главна дебата, бидејќи доколку славиме, ќе имаме можност барем во неколку часа да го надополниме она што го изгубивме - вели Ивона Марковска, матурантка од гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Битола.

Штом се дозволуваат свадби, тогаш треба да се дозволат и матурски прослави, бараат ученици од Струга.
- Можат да се подготват протоколи. Ако во генерацијата има по шест класа, може да слават по два, три вечери еднаподруга, на пример, петок, сабота, недела. Не е во ред да дозволат свадби, а матурантите да останат без најубавиот миг во животот - вели Вена Јосифовска од Струга.

Без матура, ни останаа само стресовите

Матурантите посочуваат дека средното училиште не е само за учење, туку и за дружење.

- Завршувањето на средното училиште без славење на матурата е горко-слатко чувство, од една страна, среќна сум што немам повеќе училишни активности, но, од друга страна, знам дека ќе ми недостигаат рутината и дружбата. Средното училиште никогаш не било само за учење и образование. Според мене, најважниот дел од средното училиште е градењето на вашиот карактер и дружбата со различни луѓе. Може да научите нешто од секого - вели Стефана Димитриевска од „Јосип Броз-Тито“- Битола.

Матурантите признаваат дека меѓу нив има договори да прослават матура откако ќе ги завршат матурските испити, а не им пречи тоа да се случи и во текот на јули или август.
- Воопшто нема еуфорија. Подготовките и прославите на некој начин одземаа дел од стресот на матурските испити. Да, ќе полагаме испити, ама ќе уживаме малку пред тоа. А сега остана буквално само стресот и надежта дека лесно ќе поминеме. Имаше договори по матурските испити, откако ќе се укине полицискиот час, кога ќе биде полабаво, ако се создадат услови, нормално да прославиме - вели Стефан Дафовски од Техничкото училиште во Битола.


Фото: Општина Битола

Барем последната средба со професорите да им биде со физичко присуство

Тоа што годинава нема да има матурска прослава тешко им паѓа и на професорите што ги водеа класовите. Се надеваат дека завршната средба со учениците нема да биде онлајн, како што се одвиваше наставата цела година. Билјана Кокалевска, професор по македонски јазик од Медицинското училиште во Битола, вели дека доколку учениците одлучат да направат прослава, според протоколи, секако дека ќе отиде да се види со нив.

- За жал, оваа генерација пропушти многу важни моменти од средното образование: ја пропушти екскурзијата, матурската прослава, своите другарски забави, најубавите дружења во училиштето. Сега останува единствено времето на последните и сериозни подготовки за „испитот на зрелоста“, односно за државната матура. Има изгледи дипломите да се доделат со физичко присуство, на отворено, имаме голем училиштен двор или во спортската сала, според протоколи. Прво треба да стигнат резултатите од матурата, па дипломите најчесто ги делиме кон крајот на јули или почетокот на август. Доколку бидат дозволени прослави и се соберат според протоколи да прослават, секако дека ќе одам - рече Кокалевска.

Професор од Штип, кој сакаше да остане анонимен, вели дека деновиве истекува забраната за групирање, па матурантите можат на други креативни начини да ја прослават матурата, а не со ора и свирки по кафеани.
- Можат да се искачат на планина, да направат некој креативен перформанс на отворено. Нема потреба на ова време да бидеме затворени. Важни се креативните решенија - вели професорот.

Желба испуштеното во средно да го доживеат на факултет

И други професори не ја исклучуваат можноста по разлабавувањето на мерките последната средба да им биде со физичко присуство. Ќе ги испратат учениците со желба она што го пропуштија во средношколскиот живот, да го доживеат во факултетските денови.

- Како класен раководител, испраќам генерација која ги пропушти најубавите школски денови, надвор од клупите, дома пред мониторите, без секојдневните школски дружења и настани. Не беше лесно да се работи онлајн ни за нас како наставници ни за учениците. Иако физички одделени едни од други, сепак, со помош на сите алатки успеавме да ја оствариме зацртаната програма, да искомуницираме за сите проблеми. На крајот, кога се поздравуваме со оваа генерација, на една од ретките средби со физичко присуство ни останува само да им посакаме сето она што го изгубија во оваа една и пол година да го надополнат во текот на факултетските денови - рече Никола Трајковски, професор по македонски јазик и литература во гимназијата „Јосип Броз Тито“- Битола.

Насловна фотографија: Архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема