X
 31.12.2019 Живот

Нема потажна новогодишна елка од чернобилската

Оваа година Божиќ дојде и во Припјат, местото познато по чернобилската катастрофа, каде што првпат од страшната 1986 година беше накитена елка. Наместо шарени ѕвездички и лампиони, елката во Припјат е украсена со стари фотографии од фамилијарни албуми.

Некогашниот град во кој живееле 47.000 жители е сместен на околу 3 километри од поранешната нуклеарна електрана „Чернобил“ и денес е напуштен поради радијацијата. Сепак, поранешните жители се вратиле во градот на духовите за да ја накитат елката со фамилијарни фотографии.

Некои од нив однеле и украсен часовник, како симбол на течењето на времето и фактот дека со минувањето на времето градот не умира, туку оживува.

- Животот се враќа во Припјат. Ова станува необично, нестандардно туристичко место - истакна Јарослав Јамељенко од Агенцијата за управување со зоната.

Бројот на туристи во ова подрачје е во значителен пораст во последните години, особено поради серијата „Чернобил“.

- Секој ден некогаш напуштениот град се полни со туристи од целиот свет. Доаѓаат за да ја научат нашата историја, која го промени текот на случувањата во целиот свет - вели Јамаљенко и додава дека ова уникатно место треба да добие статус на споменик од национално значење и статус на листата на наследства на УНЕСКО за да може да се зачува.

Организаторите на акцијата велат дека главна цел е вниманието да се насочи кон процесот на претворање на зоната во музеј и зачувување на објектите во оваа зона.

Сергеј Мирниј, еден од иницијаторите на туризмот во Чернобил, вели дека елката е позитивен знак за целиот свет.

- Во моментот кога сите слават Божиќ, време е да се потсетиме дека Припјат, благодарение на туризмот, се најде на културните маршрути на целото човештво - вели тој.

Нуклеарната катастрофа до која дојде во 1986 година, а за која многумина знаеја малку сè до серијата, го претвори некогаш населеното место во град на духовите.

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот