X
 14.07.2019 Живот

Зошто растенијата во Чернобил не ѝ подлегнаа на радијацијата?

Нуклеарната катастрофа што се случи во 1986 година, а за која многумина знаеја многу малку детали додека не се појави серијата „Чернобил“, го претвори некогаш населеното место во град на духови и покоси многу животи. Сепак, зоната на исклучување, која опфаќа 2.600 квадратни километри, не е лишена од живот.

Волците, дивите свињи и мечките се вратија во густите шуми околу старата нуклеарна електрана. Кога станува збор за вегетацијата, само најранливите и најизложените билки беа уништени. Дури и во деловите каде што радијацијата била најголема, вегетацијата закрепнала за само три години по катастрофата. За луѓето и животните тоа беше невозможно. Па, зошто растителниот свет е толку отпорен на радијација и нуклеарна катастрофа?

За да одговориме на ова прашање, прво мораме да разбереме како зрачењето од нуклеарните реактори влијае врз живите клетки. Радиоактивниот материјал од Чернобил е „нестабилен“ бидејќи непрестајно „испалува“ честички и бранови на висока енергија кои ја разбиваат структурата на клетката или произведуваат реактивни хемикалии кои ги напаѓаат клетките. Повеќето делови на клетките се незаменливи ако се оштетени, но ДНК е клучен исклучок. При поголеми дози на зрачења, ДНК станува искривена и клетките брзо умираат. Помалите дози можат да предизвикаат посуптилни оштетувања во облик на мутација, кои го менуваат начинот на кој функционира клетката - на пример, станува канцерогена, неконтролирано се размножува и се шири во други делови од телото. Кај животните тоа често е фатално бидејќи нивните клетки и системи се специфични и нефлексибилни.

Замислете ја биологијата на животните како комплицирана машина во која секоја клетка и секој орган имаат место и цел и сите делови мора да работат и да соработуваат за да може поединецот да преживее. Човекот не би можел да живее без мозок или срце. Меѓутоа, растенијата се развиваат на многу пофлексибилен, органски начин. Поради тоа што не можат да се движат, тие немаат друг избор освен да се приспособат на околностите во кои се наоѓаат.

За разлика од дефинираните структури кај животните, билките се приспособуваат попатно. Дали коренот ќе стане поголем и ќе отиде подлабоко во земјата или стеблото ќе порасне, сето тоа зависи од рамнотежата, од хемиските сигнали кои растението ги добива од другите свои делови, како и од условите: светлина, температура, вода и хранливи материи.

Исто така, за разлика од животните, речиси сите клетки кај растенијата се во состојба да создадат нови клетки кои му се потребни на растението. Тоа значи дека растенијата можат многу полесно да ги заменат мртвите клетки или ткива отколку животните, без оглед на тоа дали штетата настанала по напад од животно или од радијација. И додека радијацијата и другите видови оштетувања на ДНК можат да предизвикаат тумор кај билките, мутираните клетки обично не се во состојба да се шират од еден дел на растението во друг, како што е случајот со ракот. Тоа е така благодарение на меѓусебно поврзаните ѕидови што ги опкружуваат клетките на растенијата. Дури и кога растенијата добиваат тумор, тоа претежно не е кобно за нив.

Интересно е што и покрај оваа вродена отпорност на радијацијата, некои растенија во зоната на исклучување во Чернобил се чини дека користат дополнителни механизми за да ја заштитат нивната ДНК менувајќи се, станувајќи поотпорни на оштетување.

На некој начин, катастрофата во Чернобил го открива вистинскиот степен на нашето влијание врз животната средина. Нуклеарната катастрофа беше многу помалку деструктивна за локалниот екосистем од човекот. Кога луѓето си заминале од тоа подрачје, тие создале предуслов за обновување на природата.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот