X
 29.06.2021 Живот

Фотографот Аркадиуш Поднишински цела деценија го документирал пустошот во Чернобил по нуклеарната катастрофа. Погледнете дел од фотографиите

На 26 април 1986 година започна неконтролирана нуклеарна реакција во реакторот број 4 на нуклеарната централа во Чернобил во Украина, тогаш дел од Советскиот Сојуз.

Топењето брзо стана најтешката катастрофа на нуклеарната енергија во историјата. Само катастрофата во Фукушима Даичи во Јапонија во 2011 година ќе достигне исто ниво на уништување и контаминација. Денес, местото е прогласено за забранета зона.

Полскиот фотограф и режисер на филмови Аркадиуш Поднишински поминал повеќе од една деценија документирајќи го пустошот по несреќата и тековните напори за ограничување на контаминацијата.

Тој првпат почнал да го фотографира Чернобил во 2008 година. Уште од неговото најрано патување до местото, тој гледал континуиран напредок на напорите за ограничување и обезбедување на местото. Ова вклучувало изградба на нов безбедносен саркофаг околу високо-радиоактивните остатоци од реакторот број 4.

Иако зоната на исклучување сега прима туристи, Поднишински има врски во фабриката и е во можност да пристапи до просторите длабоко во централата што малкумина некогаш можат да ги видат. Влегувањето во централата мора да му биде одобрено од обезбедувањето и мора да го води стручен водич. Освен тоа, Поднишински мора да носи уреди за мерење на нивото на радиоактивност и заштита опрема. Но, ништо не може вистински да заштити од интензивното зрачење во длабочините на стариот саркофаг на реакторот 4.

Неговите фотографии вклучуваат увид во напуштените остатоци кои остануваат речиси исти какви што биле оставени кон крајот на 80-тите години кога била евакуирана централата. Во канцелариите и понатаму стојат чајниците од порцелан и архаичната телефонска опрема.

На неговите фотографии, фабриката по катастрофата е фасцинантно, но и опасно место.

Поднишински создаде дводелен документарен филм за Чернобил „Сам во зоната“ (2011, 2013) кој ги истражува еволутивните услови на местото и животот на оние што живеат околу него. Исто така, тој објави албум со фотографии „Половина живот: Од Чернобил до Фукушима“ (2018) со фотографии и есеи за катастрофите во Чернобил и Фукушима.

- Поминаа повеќе од 35 години од најголемата нуклеарна катастрофа во историјата. За тоа време, напуштените и нереновирани згради, од кои беа евакуирани повеќе од 100.000 луѓе, полека, но сигурно се распаѓаат. Главната причина, се разбира, е времето и временските услови како снег, дожд, мраз и влага што постепено ги уништуваат челичните и бетонските конструкции на зградите.

Ништо не може да го запре овој процес. Без човечка интервенција, местото полека се враќа назад во природата. Неприродно високи дрвја почнуваат да покриваат зградите. Цели куќи се преполни со вегетација, кои потоа ги напаѓаат нивните ентериери и се обидуваат да го земат она што некогаш им припаѓало - вели фотографот.

- Иако последниот реактор беше затворен во 2000 година, централата во Чернобил сè уште е нуклеарен објект со највисоки можни протоколи за безбедност. Потрошеното нуклеарно гориво и другиот радиоактивен отпад акумулирани за време на работата и деактивирањето на централата остануваат на терен. Обработката и складирањето на ова не е опасно само за луѓето и околината, туку постои и потенцијален ризик за нејзино кражба и употреба од страна на терористите. Наскоро ќе започне и уривањето на стариот саркофаг и отстранувањето на потрошеното гориво внатре - раскажува тој.

Работата со вакви опасни материјали бараше дизајнирање и изградба на комплетно нови структури како новиот безбеден саркофаг, кој го опфаќа стариот саркофаг, или дизајнирање на нови машини и опрема за да се направи воопшто можна обработка на радиоактивни материјали. Многу европски земји имаа голема улога во ова - вклучувајќи ја и Франција - која не само што го финансираше градежништвото, туку и го водеше.

ГАЛЕРИЈА

Извор: Mymodernmet.com
Фото: Arkadiusz Podniesiński
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот