X
 10.06.2019 Живот

Последните денови од животот на пожарникарот од Чернобил биле пострашни отколку што е прикажано во серијата

Познато е дека речиси сите ликови во серијата се реални, освен физичарката Улана Комјук, чиј лик ги претставува сите нуклеарни физичари од СССР што му помагале на професорот Легасов во санирањето на штетата по експлозијата.

И пожарникарот Василиј Игнатенко и неговата сопруга Људмила се реални ликови. Во серијата е прикажано како Игнатенко оди да го гасне пожарот, додека неговата бремена сопруга останува дома. Потоа Василиј го носат во болницата во Припјат, а потоа и во Москва, каде што Људмила го посетува без оглед на опасноста. Василиј умира во маки, а Људмила потоа раѓа девојче, кое поради последици од радијацијата, умира по 4 часа.

Според одредени податоци, Људмила сѐ уште е жива. Таа наводно има син и живее во Киев. Људмила за својата судбина говорела одамна, пред снимањето на серијата. Таа на авторката на книгата „Глас од Чернобил“, Светлана Алексијевич, ѝ раскажала дека еден ден подоцна таа и Василиј требало да одат во Белорусија и да ги посетат неговите родители, како и дека тој од 4 часот изутрината требало да биде слободен од дежурство. Реакторот експлодирал по 1 часот по полноќ, па Игнатенко отишол да го гаси мислејќи дека станува збор за обичен пожар.

Василиј по државен налог од Белорусија се преселил во Припјат за да работи како пожарникар. Тој и Људмила се венчале во 1983 година, а се запознале уште како тинејџери, во 1979 година. Во книгата Људмила ги опишува последните денови од неговиот живот и тие се многу пострашни отколку што е прикажано во серијата.

- Секој ден запознавав друга личност. Последните два дена искашлуваше делчиња од своите бели дробови и од црниот дроб. Се задушуваше во сопствените органи. Ќе ја замотав раката во завој, ќе му ја ставев в уста и го вадев тоа - раскажала Људмила.

Василиј починал на 25-годишна возраст и бил погребан во лимен сандак под бетон затоа што неговото тело сѐ уште било радиоактивно.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот