X
 01.02.2019 Наука

Неандерталците изгледале како Усеин Болт

Неандерталците имале долги нозе и биле мускулести спринтери способни за моментално забрзување, покажува најново истражување.

Ова ја предизвикува теоријата што долго време владееше меѓу научниците - дека неандерталците биле мали и ковчести, подготвени за издржливост и долго трчање.

Научниците што го проучувале античкиот човечки предок откриле дека неандерталците повеќе личеле на Усеин Болт отколку на Мо Фарах. Исто така, истражувањето тврди дека неандерталците ловеле во шумите, а не во студените средини слични на тундрите, како што претходно се сметало.

Истражувачите од Универзитет „Боурнмаут“ и Универзитетскиот колеџ во Лондон тврдат дека тие живееле во потопли шуми. Во овие шуми можеле да ловат од заседа и од мали далечини.

Во геномот на неандерталците се покажало дека гените се поврзуваат со силата и исклучителната физичка подготвеност во секој поглед, отколку кај денешните луѓе.

- Анализата на слоеви во кои се пронајдени фосилни остатоци посочува дека тие всушност живееле во исто време и на исто место како и животните од тоа време за кои се знае дека живееле во потопла, шумска средина. Во ваквото опкружување била фаворизирана стратегија за лов заснована на брзо трчање, што наведува на споредба со физичката подготвеност на врвните спортисти од наше време. Неандерталците дефинитивно биле со слична градба како Усеин Болт, а не како Мохамед Фара - биле мускулести, способни за спринт, а не за подолго трчање - вели д-р Џон Стјуарт, кој го водел истражувањето.

Оваа теорија е поддржана и од генетичарите д-р Џоан Дикман, професорот Хју Монтгомери и Марк Томас од Универзитетскиот колеџ во Лондон. Тие ги проучувале генските варијации за кои претходните истражувања покажале дека се релативно чести кај денешните врвни атлетичари, на кои спринтот им е примарна дисциплина.

- Утврдивме дека повеќето од овие генски варијации биле прилично типични за неандерталците - објаснува д-р Дикман.

Неандерталците биле блиски предци на луѓето, а мистериозно изумреле пред околу 50.000 години. Живееле во Африка, со раните луѓе, стотици милениуми пред да се преселат во Европа, пред 500.000 години. Подоцна им се придружиле на луѓето, поминувајќи го истиот пат, некаде во последните 100.000 години.

Неандерталците биле блиски сродници, но не и директни предци на луѓето. Двата вида водат потекло од заеднички предок, но до раздвојување дошло пред 50.000 години.

Тие биле оригинални „пештерски луѓе“, за кои до неодамна се сметало дека биле особено интелигентни и прилично брутални. Но, во последните години има докази што укажуваат дека ваквата теорија би можела да биде целосно погрешна, дека неандерталците биле многу пософистицирани отколку што претходно се мислело и поталентирани отколку што некој можел да претпостави.

Постојат индиции дека тие ги погребувале своите мртви во согласност со концептот на верување во задгробен живот. Освен тоа, се смета дека биле способни да се адаптираат на различни услови прилично ефикасно.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука