Умниците (третите молари) се катници лоцирани на задниот дел од устата. Тие изгледаат исто како првиот и вториот катник, но понекогаш може да бидат малку помали.
Обично се нарекуваат умници бидејќи се последните од 32. трајни заби што се појавуваат, а никнуваат помеѓу 17 и 25 години, кога луѓето се постари и поумни.
Можеби знаете дека сите четири умници не никнуваат кај сите луѓе, а веројатно знаете и дека многумина ги вадат. Но, дали знаете зошто луѓето воопшто ги имаат?
Одговорот лежи во далечното минато.
Помоќни вилици
Исто како што имаме заеднички карактеристики со луѓето со кои сме поврзани, луѓето како вид имаат слични карактеристики со нивното пошироко семејство - приматите. Мајмуните, горилата и шимпанзата имаат умници.
Пред неколку милиони години нашите предци имале поголеми вилици и поголеми заби отколку ние денес. На пример, видот „Australopithecus afarensis“, наречен Луси по познатиот фосилен примерок, живеел пред околу 3 до 4 милиони години.
Забите и вилицата на овој вид биле прилично поголеми и подебели од нашите. Тие имале три големи заби со дебела глеѓ. Фосилните черепи на некои од овие рани луѓе покажуваат и докази за моќни мускули за џвакање.
Промени во исхраната
Научниците сметаат дека биле потребни поцврсти вилици и заби бидејќи храната што ја јаделе луѓето тогаш, како сирово месо и растенија, била потешка за џвакање.
Денешната храна е помека отколку во минатото поради многу фактори, меѓу кои и земјоделството, готвењето и складирањето храна. Помеката, полесна храна за џвакање значи дека забите имаат полесна работа. Како резултат на тоа, современите човечки вилици еволуирале за да бидат помали.
Со оглед на овие промени, умниците сега повеќе не се толку важни како што биле некогаш.
На околу 25 отсто од луѓето денес им фали барем еден умник, што значи дека тој воопшто не се формирал. Иако на луѓето повремено не им растат други заби, тоа е почест случај кога станува збор за умниците.
Научниците не се сигурни зошто е тоа така, но можеби е поврзано со гените што ги наследуваме од нашите родители. Некои научници тврдат дека недостигот на умниците е предност за модерните луѓе со помала вилица. Сигурно е полесно да се вклопат помалку заби во помала вилица.
Понекогаш, поради недостиг на простор во устата, умниците може да заглават во коската на вилицата и никогаш да не излезат целосно - или само делумно да се појават.
Извор:
Science Alert
Фото:
Wikipedia