X
 23.11.2022 Наука

Наставниците биле под поголем стрес отколку здравствените работници за време на пандемијата, покажува истражување

Наставниците биле под поголем стрес од здравствените работници на првата борбена линија за време на пандемијата, открива ново истражување.

Оние што предавале онлајн за време на пандемијата пријавиле значително повисоко чувство на депресија и изолација од колегите што предавале со физичко присуство во екот на пандемијата.

Истражувачите признаваат дека биле доста изненадени од наодите, за кои сугерираат дека би можело да биде поради нивото на неизвесност за тоа колку долго училиштата ќе бидат затворени и ќе се одржуваат часови.

Според истражувањето објавено во „Еџукејшнл рисрчер“, списание на Американското здружение за образовни истражување, наставниците од САД имале 40 отсто поголема веројатност да пријават симптоми на анксиозност за време на пандемијата.

Исто така, тие биле поанксиозни од работниците во другите професии, вклучително и канцелариските работници, војската, земјоделците и адвокатите, според истражувањето направено на повеќе од 3 милиони вработени, меѓу кои 130.000 наставници.

Иако благосостојбата на наставниците беше загрижувачка и пред пандемијата, истражувачите сепак биле прилично изненадени од нивоата на анксиозност за време на пандемијата, вели Џозеф М. Куш, доцент по психологија на Универзитетот „Џејмс Медисон“ и коавтор на истражувањето.

stres
Фото: Freepik

- Претпоставивме дека здравствените работници што се бореа против ковид-19 во првите борбени линии за време на јавната здравствена криза ќе покажат најголема вознемиреност - изјави тој.

Истражувањето не ги истражувало причините за високото ниво на анксиозност кај наставниците, но истражувачите шпекулираа дека наставниците биле особено погодени од промените и изгледите за промени во нивните рутини.

- Високите нивоа на стрес најмногу беа поради неизвесноста околу тоа како училиштата планираа да ја изведат наставата, наглите промени во плановите за часови, како и методите за настава за далечинско учење и брзото усвојување на новите технологии - додава Куш, чие истражување беше спроведено заедно со истражувачите од Универзитетот „Џонс Хопкинс“.

Иако ситуацијата со која се соочуваа здравствените работници беше опасна, но прилично јасна, многу наставници мораа да се навикнат на нов начин на работа, заедно со недостиг на јасност околу тоа колку долго ќе трае новиот пристап и колку време ќе се одвива наставата од далечина.

Ова, исто така, вклучуваше брзо усвојување на технологијата на начини кои претходно не беа испробани во голем обем, како и голема промена во работната средина. Дури и наставниците што продолжија да предаваат во училница често беа изолирани од колегите како дел од мерките за спречување на ширењето на коронавирусот.

Наставниците што предавале од далечина биле особено погодени од анксиозност и имале 60 отсто поголема веројатност да пријават дека се чувствуваат изолирани отколку нивните колеги што држеле настава со физичко присуство.

Наставничките имале 70 отсто поголема веројатност да пријават анксиозност од нивните машки колеги, а ова откритие се повторувало и во други професии.

- Нашите резултати покажуваат колку стресна била пандемијата за наставниците, особено за жените и за оние што предавале на далечина - вели Куш.

Во сите професии жените имале 90 отсто поголема веројатност од мажите да пријават симптоми на анксиозност и 40 отсто поголема веројатност да пријават депресија, како и 20 отсто поголеми шанси да се чувствуваат изолирано.

Истражувањето побарало од испитаниците да пријават дали имале чувства на анксиозност, депресија или изолација во претходните седум дена, со податоци собрани помеѓу септември 2020 и март 2021 година.

Куш вели дека наодите ја истакнале потребата да се развијат алатки за заштита на менталното здравје на наставниците и одржување јасна комуникација меѓу училишниот персонал.

- Благосостојбата на наставниците на крајот влијае врз нивната способност ефективно да предаваат. Кога наставниците се чувствуваат поддржани, тоа ги зголемува резултатите од учењето на учениците. Нивните гласови мора да бидат вклучени во процесите на донесување одлуки бидејќи нивната благосостојба е најважна за ефективни средини за учење - вели Куш.

Извор: Forbes.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука