Во 2022 година вселенското летало на НАСА за пренасочување астероиди, ДАРТ, влезе во историјата со тоа што постигна нешто што сме го виделе само на филм - го смени текот на астероид кој може да претставува директна закана за Земјата.
Се сметаше за успех кога ДАРТ го погоди Диморфос со 22.500 километри на час, на 26 септември 2022 година, но се чини дека сега може да има нов, малку вознемирувачки развој, кој го открија група средношколци и нивниот професор во Калифорнија.
Диморфос, кој орбитира околу друг астероид наречен Дидимос, има дијаметар од околу 160 метри. По ударот ДАРТ го скрати орбиталниот период на Диморфос за 33 минути - или барем така се мислеше.
По дополнително набљудување, учениците од Калифорнија откриле дека орбиталниот период на астероидот всушност бил 34 минути пократок отколку што бил пред ударот и продолжил да се намалува.
- Тоа беше неконзистентно на непријатно ниво - вели Џонатан Свифт, наставник по математика и природни науки кој бил вклучен во истражувањето.
Фото: NASA
- Се обидовме да ја најдеме пукнатината во она што го направивме, но не успеавме да најдеме ништо - додава тој. Тимот ги сподели своите наоди на состанокот на Американското астрономско друштво во јуни.
Истражувачите на Европската вселенска агенција забележале и дека тој има две опашки од отпад. Ударот, исто така, предизвикал отцепување на фрагменти од карпи од астероидот, создавајќи рој од 37 камења кои се со големина од 3 до 22 метри.
Но, и покрај ова изненадувачко однесување, нема причина за тревога. Диморфос е оддалечен над 9 милиони километри и не претставува никаква закана за Земјата.
Доколку сѐ оди според планот, астрономите ќе добијат поголем увид во тоа како ДАРТ влијаел врз Диморфос до крајот на 2026 година, кога вселенското летало „Хера“ на Европската вселенска агенција ќе стигне до Диморфос и ќе добие подобра слика за тоа што се случило.