При пребарувањето на интернет сигурно сте забележале дека сѐ поголем број страници и апликации бараат е-адреса, која често ја пишуваме без проблем. Но, можеби следниот пат би требало да размислите пред да го направите тоа бидејќи така споделувате многу повеќе отколку што мислите.
На сите ни е познато дека компаниите ја сакаат нашата е-адреса за да можат да ни понудат што посоодветни реклами. Маркетинг-индустријата со години правеше профили за луѓето врз основа на страниците кои ги посетуваат. Податоците за вашите активности на интернет се собираат преку т.н. колачиња и невидливи следачи во апликациите, но сега сѐ повеќе компании ги отфрлаат тие алатки и се појавија нови начини на целно рекламирање. Во својство на сѐ помалку популарните колачиња, сега сѐ почесто се користи е-адресата.
Таа за вас може да открие многу повеќе отколку што мислите бидејќи може да се поврзе со други податоци. Затоа е важно да се знае што точно се споделува кога ќе се внесе е-адресата.
Таа може да го содржи вашето име и презиме, а ако ја користите подолго време, информациските посредници веќе имаат прилично детален увид во вашите интереси. Па, кога ќе ја внесете е-адресата на некоја страница и апликација, тие можат да ја поминат адресата низ база на податоци на информациски посредник за да може евентуално да се најдат сличности и да може да ви се понудат целни реклами.
Значи, ако се прашувавте како е можно сѐ уште да гледате реклами приспособени за вас и покрај сѐ поголемиот број алатки кои ја штитат вашата приватност, тоа е поради е-адресата.
Како може да се стави крај на тоа? Еден начин е да направите неколку е-адреси, па кога некоја страница ќе ви побара, да ја внесете таа што е направена само за консумација на содржина од таа страница. На тој начин компаниите многу потешко ќе ве профилираат, а ако добиете несакана пошта на таа адреса, ќе откриете и која компанија ги споделува вашите податоци со други компании.
Можете да користите и алатки за маскирање на е-адресата. Некои компании како „Епл“ нудат алатки кои автоматски создаваат псевдоними за вашата е-адреса при пријавувањето на страница или апликација. Пораките кои потоа пристигнуваат на тие заменски е-адреси се проследуваат на вашата оригинална е-адреса.
Можете и да ја избришете е-адресата од некои бази на податоци со внесување на е-адресата
тука.
Извор:
tportal.hr