X
 01.03.2019 Живот

Во Русија паѓа снег во боја, но тоа не е баш забавно

Пред неколку недели жителите на рускиот регион Кузбас, познат и како Кемеровска област, почнаа да споделуваат снимки и фотографии на социјалните мрежи од снегот што паѓал во нивните градови. Која беше причината за тоа? Бојата на снегот. Тој бил црн.

Откако бил истражен случајот, локалната полиција отворила случај против фабрика за преработка на јаглен, која веќе испуштала толку многу нефилтрирана прашина од јаглен во атмосферата што предизвикала снегот да изгледа како вулканска прашина.

Следниот ден регионалниот гувернер најави дека фабриката ќе биде привремено затворена, иако маките на Русија со загадувањето се далеку од завршени.

Според известувањата, обвинителите утврдиле дека фабриката долго време систематски ги прекршувала лимитите за загадување на воздухот и не ја филтрирала прашината од јагленот пред да ја испумпа во атмосферата.

- Се убивате самите и го убивате вашиот народ, кој работи за вас, а исто така убивате сè околу вас - истакна гувернерот на Кузбас, Сергеј Цивилјов.


Сега останува само надежта дека затворањето на фабриката ќе помогне во решавањето на проблемот со загадувањето на воздухот во Кисељовск. Но, другите руски региони продолжуваат да водат сопствени битки во врска со загадувањето.

Додека во Кузбас паѓаше црн снег, во градот Первоураљск имаше зелен снег, кој наводно предизвикува многу здравствени проблеми.

- Децата се разболија, кашлаа и кожата им стана црвена, а на лицата има исип - истакнува Наталја Соловеј, локална жителка.



Многумина за овој чуден феномен вината ја префрлаат на хемикалиите од локалната фабрика за хром, но портпаролот на фабриката, Всеволод Орешкин, ги негираше наводите со некои не баш успокојувачки коментари.

- Ова е рутинска ситуација за жителите која не треба да го вклучува алармот. Ова не е закана за животите или за здравјето на возрасните и на децата. Ова е Первоураљск, тука има различни индустриски претпријатија. Ако земеме примероци од снег на кое било место, ќе видиме мноштво опасни супстанции - рече тој.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот