Стапката на слободни работни места во еврозоната во вториот квартал од 2023 година изнесуваше 3,0 отсто, додека на ниво на цела ЕУ таа достигна 2,7 проценти, соопшти Европската статистичка служба – Евростат, посочувајќи дека и во двете зони се бележи намалување на квартално ниво за 0,1 процентен поен.
Во вториот лански квартал стапката на слободни работни места во еврозоната беше 3,2 отсто, а во ЕУ – 3,0 проценти.
Меѓу земјите членки највисока стапка на слободни работни места во вториот овогодишен квартал има Холандија од 4,7 отсто, пред Белгија од 4,6 и Австрија од 4,4 проценти. Од друга страна, најниски стапки бележат Бугарија и Романија од по 0,8 отсто, Шпанија и Полска од по 0,9 и Словачка од 1,0 процент.
Во споредба со истиот лански квартал, стапката на слободни работни места е зголемена во четири земји членки, во ист толкав број останала непроменета, а во останатите 19 таа е намалена. Зголемувања на стапката на слободни работни места има во Грција за 0,4 процентни поени, во Кипар за 0,2 и во Португалија и Италија по 0,1 процентен поен.
Најголем пад на стапката на слободни работни места има Чешка од 1,2 процентни поени, пред Данска, Луксембург и Финска сите со по намалување од 0,8 процентни поени.
Стапката на слободни работни во второто тримесечје од 2023 година во еврозоната во секторот индустријата и градежништвото изнесувала 2,6 отсто, а кај услугите 3,3 проценти. На ниво на цела ЕУ, пак, стапката на слободни работни места во индустријата и градежништвото била 2,4, а кај услугите 3 отсто.
Извор: МИА