X
 30.01.2019 Живот

Цената на бесплатниот јавен превоз во Луксембург

Во Луксембург патувањето од дома до работа и обратно е прилично долго - може да трае два часа бидејќи сообраќајниот метеж е голем проблем.

Кон крајот на минатата година Луксембург ги наполни насловните страници на весниците кога објави дека целиот јавен превоз ќе биде бесплатен. Од 1 март 2020 година граѓаните нема да плаќаат за користење на возовите, трамваите и автобусите во оваа земја. Потегот е во корист на 602.000 жители и 175.000 прекугранични работници, како и на 1,2 милион туристи на годишно ниво.

Но, што се крие зад проектот и што ќе постигне?

Во текот на изминатите четири децении населението на Луксембург се зголеми за речиси 240.000 луѓе. Работната сила порасна од 161.000 во 1998 година на 427.000 во 2018 година, делумно поттикната од 168 отсто пораст на прекуграничните работници. Денес, Луксембург има најголем број патнички автомобили по жител во ЕУ. Повеќе од 60 отсто од патниците ги користат своите автомобили за да одат на работа, во споредба со само 19 отсто што користат јавен превоз, според министерот за мобилност и јавни работи, Франсоа Бауш.

1
Фото: Eric Devillet


- Првенствено, ова е социјална мерка. Целта е да се спречи продлабочувањето на јазот помеѓу богатите и сиромашните. За луѓето со ниски плати, трошоците за превоз се важни, па затоа е полесно да се направи да биде бесплатен за сите - вели тој.

Луксембург се смета за богата нација - има највисока просечна годишна плата од сите земји на ОЕЦД. Но, сиромаштијата се зголемува: 10 отсто живеат со 1.011 евра месечно. 13 отсто од работниците и речиси 10 отсто од пензионерите се изложени на ризик од сиромаштија.

Бесплатниот јавен превоз е еден од неколкуте делови од социјалното законодавство што неодамна реизбраната влада сака да го помине во 2019 година, вклучувајќи ги и зголемувањето на минималната плата, пензиските приспособувања и финансиската помош за високото образование.

Убедувањето на возачите на автомобили да почнат да користат јавен превоз би можело да биде тешко, со оглед на тоа што многумина го сметаат овој систем за непријатен и непогоден. Ова особено важи за оние со повисок приход.

Ана Клајн предава германски во средно училиште во Ламаделеин, 30 километри јужно од нејзиниот дом во Луксембург. Наутро нејзиното патување трае 30 минути, додека вози за да го избегне сообраќајниот метеж.

2
Фото: Eric Devillet


- Потребен ми е еден час да стигнам на работа со воз. И треба да променам уште еден воз, што на работа ме носи или многу рано или многу доцна - вели таа. Плус, таа мора да носи многу книги.

- Дури и ако е поскапо, автомобилот останува најсоодветна транспортна алтернатива за мене - вели таа.

Владата планира да инвестира во транспортната инфраструктура и во својата нова стратегија за мобилност, „Моду 2.0“, предвидува мрежа за јавен превоз што ќе пренесува 20 отсто повеќе луѓе до 2025 година со намален застој во сообраќајот. Планот вклучува модернизација на железничката мрежа, подобри прекугранични врски и нови иницијативи поврзани со патиштата, со државна инвестиција од 2,2 милијарди евра до 2023 година. Изгледа прилично скапо - особено ако приходите од билетите исчезнат.

Сепак, јавниот превоз веќе е силно субвенциониран - двочасовниот билет чини 2 евра, а целодневен билет од втора класа 4 евра. Голем дел од луѓето веќе се возат бесплатно: оние под 20 години, студенти под 30, луѓе со минимум гарантиран приход...

Годишните приходи од цените на билетите, 41 милион долари, покриваат помалку од 10 отсто од трошоците на мрежата во износ од 491 милион евра. Бауш вели дека трошокот за негово спроведување е минимален. Паралелно, владата планира да го преиспита законодавството што им овозможува на работниците да одземат паушал за патните трошоци од нивната годишна даночна сметка. Овој потег би можел да помогне да се надополнат државните пари и да се донесат до 115 милиони евра годишно, иако деталите сè уште не се јасни.

Потегот за бесплатен превоз привлече големо внимание на меѓународно ниво.

- Ако земјата започне промотивна кампања, ќе чини милиони. Со оваа најава Луксембург само што постигна бесплатна кампања низ целиот свет - вели економистот Мишел Едуард Рубен.

- Бесплатниот транспорт е лажна, модерна идеја - додава тој и смета дека парите ќе бидат потрошени подобро за субвенции за изнајмување социјални домови.

- Бесплатниот јавен превоз е сложено прашање, а даноците не се проблемот - вели Констанс Кар, висок постдокторски истражувач на Универзитетот во Луксембург. Таа ги истакнува високите цени на домување како клучно социјално прашање, велејќи дека зголемувањето на трошоците ги тера луѓето да се преселат надвор од градот.

3
Фото: Alamy


И националните транспортни синдикати се спротивставуваат на планот.

- Бесплатниот јавен превоз може да доведе до зголемување на вандализмот. Синдикатите се плашат и дека ова ќе доведе до отпуштање на вработените.

Но Бауш вели дека никој нема да биде отпуштен.

- Кондуктерите за билети и другите работници ќе останат на станиците и ќе бидат пренасочени за други задачи - вели тој.

Дали планот ќе функционира?

Луксембург не е првата нација што го воведува планот: главниот град на Естонија, Талин, во јануари 2013 година воведе бесплатен јавен превоз, со двојни цели - за спротивставување со застојот и помагање на посиромашните луѓе. Жителите плаќаат 2 евра за зелена карта што им овозможува да патуваат низ градот, додека оние што не живеат во градот и туристите мора да платат.

И францускиот град Данкирк воведе бесплатни автобуси во септември 2018 година за 200.000 жители. Еден месец подоцна градоначалникот на Данкирк, Патрис Вергирет, изјави дека бројот на патници е зголемен за 50 отсто на некои правци и 85 отсто на други. Луѓето биле многу поблагодарни за автобуската услуга кога станала бесплатна.

Еден неочекуван недостаток се појавил во истражувањето спроведено во Талин. Просечната должина на патувањето се намалила за 10 отсто, што укажува на тоа дека луѓето користеле јавен превоз за замена на патувањата што инаку можеле да ги патуваат пешки или со велосипед, наместо со нивните автомобили.

Засега жителите на Луксембург се повеќе заинтересирани за други делови од владината агенда за социјалното законодавство, а промената на транспортот не доминира. Малкумина изгледаат подготвени да ги напуштат своите автомобили за бесплатен јавен превоз.

- Потребно е образование за да се надмине оваа зависност. Политиките насочени кон намалување на употребата на автомобилите остануваат непопуларни и политичко табу - вели Констанс Кар.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот