Несогласувањето со одлуката на албанската Влада за останување во земјата по дипломирањето ќе ги чини многу студентите по општа медицина во Албанија. Имено, Медицинскиот универзитет во Тирана пресмета дека академска година за еден студент чини 240.000 леки, или 2.270 евра, па Административниот борд при универзитетот донесе одлука секој студент што ќе одлучи по дипломирањето да не остане во Албанија да
работи од 3 до 5 години, ќе треба да ја плаќа оваа сума како партиципација за студирање.
За утврдување на тарифата била составена работна група која ги пресмета трошоците за еден студент кој учи општа медицина на државен факултет, при што биле сметани директните трошоци на факултетот, капиталните и некапиталните трошоци.
Така, сега на студентите ќе им биде понуден договор кој ќе треба да го потпишат и да се согласат по дипломирањето да останат да работат во татковината или во спротивно ќе треба за секоја академска година да издвојат по 240 илјади леки. Тоа значи дека 6-годишното студирање би ги чинело околу 13.600 евра.
Уште од почетокот на академската година студентите по медицина ја бојкотираат наставата бидејќи дел од нив не се согласуваат со одлуката на Владата со која се обврзуваат по дипломирањето да останат да работат во Албанија.