Албанското собрание денеска се очекува да го одобри проект-законот со кој студентите по медицина би биле обврзани пет години по дипломирањето да останат да работат во татковината. Спроти гласањето, студентите по медицина излегоа на протест изразувајќи го нивното несогласување.
Студентите побараа и оставка од министерката за образование Евис Куши откако таа вчера изјави дека нема намера да се повлече од законот.
Една студентка истакна дека бараат еден нивен претставник да влезе во парламентот и да ги истакне нивните аргументи против нацрт-законот пред законодавците.
- Останавме единствената земја на Блаканот и во Европа која сака да ја затвори младината и да ги затвори студентите. Ние сме одлучни и нашето вознемирување го изразивме преку жалби и во комисии, но нè примија само во две, а другите ни ги затворија вратите пред нос. Не ни даваат ни да протестираме - истакна претставничката на студентите.
Според известувањата на албанските медиуми, протестите ќе продолжат и следната академска година, а студентите најавија дека планираат да одат и пред Уставен суд.
Планот на албанските власти е да ги обврзат бруцошите што есенва ќе ги започнат студиите по
медицина во Албанија да потпишат договор и по дипломирањето да останат пет години во татковината за да работат, па дури потоа да си ги земат дипломите. Студентите кои веќе студираат на почетокот на оваа академска година ќе потпишат договор и ќе се ангажираат да останат три години, оние што се втора, трета и четврта година на студии, додека студентите од петта и шеста година по дипломирањето ќе треба да работат две години во Албанија. Повторно, дипломата ќе може да се земе по исполнувањето на оваа задача.
Извор и фотографија:
a2news