X
 01.04.2019 Технологија

Стартап им плаќа на луѓе далечински да управуваат со автономни возила

Дури и најнапредните автономни автомобили на денешницата не можат да се движат по патиштата со иста леснотија како луѓето. Секако, може да бидат добри на автопат, но тие возила често запнуваат пред лошо време, непредвидени пешаци или дури и птици и сенки.

Сега, стартап од Орегон, САД, наречен „Дезигнејтед драјвер“, создаде систем кој им дозволува на возачи со дозвола од далечина да управуваат со автономно возило ако има дефект или некоја деликатна ситуација. Тоа значи дека можеби нема да мораме да чекаме девелоперите да ја усовршат технологијата пред да можеме да се возиме во релативно безбедни автономни возила.

Телеоперацискиот систем на стартапот има три дела. Првиот дел е софтвер и хардвер-опрема прикачена на возилото. Вториот дел е софтвер и хардвер-опрема во станицата на возачот. Таа се состои од шест екрани на кои се гледа што снимаат камерите на возилото, како и сиот хардвер што му е потребен на возачот за да го контролира возилото. Третиот дел се самите телеоператори кои стартапот може да ги понуди како сервис.

Моментално стартапот има само еден клиент, но раководителите се надеваат дека ќе успеат да стасаат до 20 отсто од телеоперацискиот пазар во следните неколку години.

Тоа може да биде предизвик ако се има предвид дека веќе имаат голема конкуренција бидејќи сите работат со сопствени системи. Но, без разлика дали ќе успеат во замислата, не е тешко да се замисли телеоператор на автономно возило да стане едно од најпопуларните занимања во иднина.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија