Згради целосно изградени од дрво во кои има и мини-фарми и градини се нешто најубаво и најфункционално што во последните десетина години го пласирала современата архитектонска сцена.
„Фармхус“ и понатаму е концепт, но е сè поблиску до реализација. Во овие згради има мали фарми каде што се произведува храна, која би ја консумирале луѓето што живеат во зградите. Тоа воедно е и одговор на сè поголемата потреба за храна, која во иднина ќе се зголемува. Сè е органско и целата зграда е самоодржлива.
Самата зграда произведува доволно топлина која може да се користи и за одгледување на зеленчук и на овошје. Системот за наводнување ги филтрира дождовницата и валканата вода, ја збогатува со хранливи материи и ја испраќа во зелените домови. Фрлената храна може локално да се собира во подрумите на зградата. Потоа таа се претвора во ѓубриво и повторно се користи за одгледување нова храна.
Овие згради се проектирани и смислени во австриското архитектонско биро „Студио Прехт“, водено од брачниот пар Крис и Феи Танг Прехт. Тие објаснуваат дека во следните 50 години ќе се консумира повеќе храна отколку во последните 10.000 години, а 80 отсто од таа храна ќе се изеде во градовите.
- Јасно е дека мораме да најдеме еколошка алтернатива за нашиот моментален прехранбен систем. Алтернатива во која ќе садиме, одгледуваме и тоа ќе го јадеме - истакнаа тие.
Овој пар верува дека архитектурата мора да биде мост меѓу природата, културата и луѓето.
- Сè станува приспособливо - нашите градови се пофлексибилни, но посложени. Нештата постојано се менуваат, но архитектурата и понатаму останува бавнодвижечка. На пример, кога некој пар купува нова куќа, некако мора да испланира како сака да живее во следните 20 години. Колку деца ќе има? Дали ќе има куче? Дали со нив ќе живее и свекрвата? Мора да мислите толку однапред и потоа да купите куќа која ќе го овозможи сето тоа. Тоа не кореспондира со флексибилноста која нашата генерација сака да ја има. Затоа можеби во архитектурата имаме начин да направиме згради кои ќе се приспособуваат на одреден животен стандард. Кога имате деца, тие растат и заминуваат од куќата бидејќи одат на факултет, па можете да продадете делови од својата куќа. Исто така, кога ќе добиете деловна понуда на некое друго место, вашата куќа може да патува со вас. Архитектура која навистина се адаптира на животниот стил на новите генерации. Тука има многу можности - вели Крис.
Идејата на овие креативци е во градовите да има што е можно повеќе живи згради.
- Сите гледаме што се случува во Кина, Индија и во другите делови од светот што се густо населени - огромен е прогресот во нивниот раст, но истовремено има толку загадување, скандали... Ние, архитектите, сме дел од проблемот на создавање на загадувањето. Постојат алтернативи, начини да имплементираме нови материјали. Им го враќаме просторот на растенијата да растат на покривите на зградите и на луѓето им даваме можност да прават свои градини дури и на големи висини - вели архитектот.
Погледнете уште неколку фотографии од проектите на овие
креативци.