X
 01.04.2022 Политика

Рамбо Амадеус: На полуписмениот човек му е најдраго да излезе на избори, само тогаш некој нешто го прашува

Црногорскиот музичар Рамбо Амадеус неодамна ја посочи слабоста на народот во Србија во однос на изборите. Според него, најголем проблем е тоа што младите не излегуваат на изборите.

- Најдраго му е на полуписмениот човек да излезе на избори. Тоа е единствен ден во неговиот живот кога некој нешто го прашува - изјавил тој.

Без влакна на јазикот, тој понатаму ги повикал и младите да бараат задолжително гласање бидејќи сега интелигентните луѓе ги презираат изборите, а тоа им одговара на политичарите.



- Моќта ги расипува луѓето, малку по малку им ја искривува свеста, ги оддалечуваат од себе искрените критичари, се опкружуваат со полтрони и потоа губат увид во реалноста. Со текот на времето веруваат дека навистина се дадени од Господ за вечна и неограничена власт. Колку почесто се менува власта, помала е опасноста од овој процес - изјавил тој за српскиот медиум „Време“.

Тој зборувал и за воведувањето задолжително гласање.

- Треба да се воведе задолжително гласање. Затоа што слабиот одѕив дава искривена слика на политичкиот вкус на општеството. Затоа што при половична излезност, волјата на амбициозното малцинство се применува над деморализираното мнозинство. А амбицијата сама по себе не гарантира ништо.

Познатиот пејач во интервјуто говори и за пропагандата.

- Тајната на успехот на доаѓањето и опстојувањето на оваа власт е во количината и видот на пропаганда. Пропагандата е ефикасна алатка, меѓутоа, ако константно се разликува од самата содржина на производот што се пропагира, по некое време губи значење и станува контрапродуктивна. Вредноста на кој било бренд лежи во очекувањето и довербата на купувачот. Тајната на успехот на „Кока-Кола“ навистина е во пропагандата, но и во фактот дека секогаш го добиваш она што го очекуваш. Нема изневерени очекувања, неуспешни ветувања. Кога „Кока-Кола“ би започнала да се рекламира како еликсир за вечна младост, на почетокот би пораснала потрошувачката, но бргу би паднала под сегашното ниво бидејќи очекувањата би биле изневерени - изјавил Амадеус.

Извори: Dnevna Doza Beograda | Vreme
Насловна фотографија: Wikipedia
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Политика