Втора година по ред Финска е најсреќната земја во светот, предводејќи ја листата на која во првите десет има дури пет нордиски земји.
Во извештајот за среќа во светот се рангирани 156 земји според нивото на среќа, врз основа на фактори како должина на живот, социјална поддршка и корупција.
На врвот на табелата се најдоа скандинавските земји Финска, Норвешка, Данска, Шведска и Исланд. Македонија, пак, е малку подолу, односно некаде кон средината, на 84. место, веднаш по Монголија и пред Нигерија.
Од регионот, најсреќна земја е Словенија, која се најде на 44. место, а само две места подолу, на 46. место се најде Косово. Србија е на 70. место, Црна Гора на 73. место, а Хрватска на 75., додека Босна и Херцеговина се најде на 78. место. Грција е само две места пред Македонија и е на 82. место, додека Бугарија е меѓу најнесреќните во регионот и се наоѓа на 97. место. Титулата најнесреќна во регионот можеме да ѝ ја дадеме на Албанија, која се најде на 107. место, опколена од Јужноафриканската Република и Венецуела.
Финска има 7,769 поени од вкупно 10. На второто место е Данска со 7,6 поени, Норвешка го зазеде третото со 7,554 поени, а Исланд четвртото со 7,494 поени, оставајќи ја Холандија на петтото место со 7,488 поени. Релативно хомогената Финска има околу 300.000 странци и жители со странско потекло, од вкупно 5,5 милиони жители. Најголемиот број имигранти во оваа земја се од други европски нации, но има и од Авганистан, Кина, Ирак и Сомалија.
Фото: Daily Mail
Според Меик Викинг, извршен директор на Институтот за истражување на среќата од Копенхаген, петте нордиски земји што се најдоа на врвот на листата прават нешто правилно во однос на создавање добри услови за добар живот - нешто што дојденците го забележале. Тој додаде дека среќата откриена во истражувањето произлегува од здрави количини на лична слобода и социјална сигурност, што ги потиснува обврските на жителите да плаќаат некои од највисоките даноци во светот.
- Кратко кажано, нордиските земји се добри во претворање на богатството во благосостојба - истакна тој.
Сите земји што се најдоа на врвот на листата имаат високи вредности за сите шест клучни променливи за кои било утврдено дека ја поткрепуваат благосостојбата: приходите, должина на здрав живот, социјална поддршка, слобода, доверба и дарежливост.
Инаку, во првите 20 земји од листата се најдоа неколку земји што се омилени дестинации за селење на Македонците. Така, Канада се најде на 9. место, Австрија на 10., Австралија на 11., Велика Британија на 15. место, Германија на 17. и САД на 19. место.
На дното на листата се Авганистан, Централноафриканската Република и Јужен Судан.
Тука можете да ја погледнете целата листа.