X
 13.12.2024 Живот

Повеќе од 50 факултети во Србија се под блокада, погледнете колку студенти излегоа на протест

Во Србија и денеска ќе биде одржан 15-минутен протест под називот „Застани, Србијо“, со кој се оддава почит на 15-темина граѓани што загинаа кога на 1 ноември во Нови Сад се сруши натстрешницата на железничката станица. Истовремено, продолжуваат блокадите на факултетите, па според српските медиуми, повеќе од 50 државни факултети од четири универзитетски центри (Белград, Нови Сад, Ниш и Крагуевац) официјално се во блокада поради студентите кои бараат одговорност за несреќата.

Студентите вчера околу 19 часот се собраа пред РТС за со бучава да го попречат дневникот на јавниот сервис во 19:30, затоа што не објавувал информации за нивните активности, но и затоа што, како што велат тие, известувал дека студентите се платени. Студентите бараа вклучување во живо во дневникот, но тоа не се случи, а РТС посвети две минути на протестот.

Сите пленуми на белградските факултети што се дел од блокадата порачаа дека нивните барања не се исполнети, алудирајќи на изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека ги исполнил сите барања на студентите и дека сега можат им да стават крај на блокадите. Во блокадите се вклучени и повеќе средни школи.

Барањата на студентите се објавување на документацијата за реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад, отфрлање на обвиненијата против уапсените и приведените на протестите, поднесување кривични пријави против напаѓачите на студентите и професорите и зголемување на средствата издвоени за државните факултети за 20 отсто.

Студенти од Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија и Полска изразија поддршка за нивните колеги во Србија преку разни облици на акција, писма за поддршка и јавни изјави.

Граѓаните во Србија се повикани и денес во 11:52 да застанат, да прекинат со сè што прават, без разлика каде се наоѓаат, и да оддадат почит на настраданите.

Во трагедијата што се случи на 1 ноември загинаа 15 лица, а две се сериозно повредени.

Извори: Danas.rs | N1 | Buka
Насловна фотографија: X

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот