X
 23.08.2024 Наука

Овие пајаци користат морничава тактика за да го фатат својот плен

Ново истражување открива уникатен пример за мрачната генијалност на природата во примерот на пајаци кои користат машки светулки за да фатат повеќе плен.

Во Источна Азија пајакот „аранеус вентрикосус“ покажа неверојатна способност да манипулира со својот плен. Забележано е дека овие пајаци фаќаат машки светулки и некако предизвикуваат да испуштаат светлосни сигнали што вообичаено ги користат женските светулки за да привлечат партнер.

Оваа злобна тактика води до тоа повеќе машки светулки да бидат вовлечени во пајажината, каде што наидуваат на ужасен крај. Прецизниот механизам со кој пајакот предизвикува машки светулки да имитираат женски сигнали останува нејасен, но неодамнешното истражување посочува на директна причинско-последична врска.

- Врз основа на опсежни теренски набљудувања, овој вид пајак практикува измамничка комуникација со тоа што ги заробува машките светулки во својата мрежа, а потоа предизвикува тие да испуштаат биолуминисцентни сигнали - вели научниот тим предводен од Ксинхуа Фу од Земјоделскиот универзитет „Хуажонг“ во Кина.

1
Фото: Linkinghub

Фу го забележал ова необично однесување при една од неговите теренски експедиции. Тој забележал дека речиси сите светулки фатени во мрежата се мажјаци. Понатамошните студии ја потврдиле оваа шема, откривајќи дека многу малку женки биле фатени во мрежата на пајакот. Овој чуден феномен ги поттикнал кинеските научници да спроведат дополнителни истражувања.

Теренските експерименти, кои вклучувале 161 пајажина, откриле дека пајаците што ја користат гореспоменатата морничава тактика имаат поголема стапка на фаќање светулки, што значи дека присуството на пајаци е клучно за влијанието на таквото однесување. Покрај тоа, пајаците покажаа карактеристичен напад на обвиткување и каснување само кога била видлива светлината на заробената светулка, што дополнително покажува колкава манипулација користи пајакот. Сепак, останува нејасно дали самиот отров на пајакот е одговорен за промената во однесувањето на светулката.

Извор: Science Alert
Фото: Linkinghub
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука