X
 01.05.2019 Култура

Новиот мурал на Бенкси е предупредување за целиот свет

Британскиот уметник на графити Бенкси со своите дела го изразува мислењето за проблемите во светот. Неодамна нацрта нов мурал во Лондон, истиот ден кога беше забрзано печатењето на прирачникот на активистичката група за екологија „Екстинкшон Ребелион“.

Овој мурал, судејќи по стилот и твитот на еколошката група, го претставува новото дело на Бенкси и неговата поддршка кон активистите. На муралот е насликано девојче што сади цвеќиња, држејќи го логото на „Екстинкшн Ребелион“, а веднаш до него е цитатот „Од овој момент завршува очајот и почнува тактиката“. Овој цитат претставува референца на белгискиот писател Раоул Ванегием од книгата „Револуцијата на секојдневниот живот“. Муралот се наоѓа во близина на триумфалната капија Марбл Арч, местото каде што активистичката група постави камп за десетдневните протести.

Прирачникот на групата ќе се базира на објаснување на климатските промени, како и општата негација што се случува и ефектите што климатските промени ги имаат врз светот и населението. Работата на овие активисти е насочена првенствено на подигнување на свеста на луѓето за еколошките проблеми и барање тие да преземат акција. Меѓу другото, тие ја притискаат британската влада да ја признае вистината за размерите на климатската криза и да го сведат коефициентот на емисии на јаглероден диоксид на нула. За време на неодамнешните протести, над илјада активисти беа уапсени поради блокирање на сообраќајот.

Делата на Бенкси претставуваат критика на денешното општество и сите аспекти со кои не успеваме да се избориме, како корупција во политиката, негативно влијание на технологијата, хомофобија, расизам. Иако никогаш не го открил својот идентитет, Бенкси има обожаватели низ цел свет, а своите дела ги промовира преку неговиот инстаграм-профил.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура