Министерството за култура започнува проект за соодветна и итна заштита, т.е. дигитализација на повеќе од 5 милиони ливчиња. Станува збор за јазични записи собирани со децении на терен, од вработените во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков, но и од студенти, информатори и вљубеници во македонскиот мајчин јазик, кои со својата собирачка активност помогнале во зачувувањето на јазичното духовно богатство.
- Често зборуваме за патриотизмот. Но, ретко кој, кога зборува за патриотизмот, помислува на со децении заборавените картотеки во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков.“ Ако сме согласни дека македонскиот јазик е клучот за културниот идентитет и за неговото изразување, тогаш неговото зачувување би требало да биде врвен приоритет – изјави министерката за култура Ирена Стефоска.
Кон заштитата на ова непроценливо културно наследство, кое сè уште се чува во картонски кутии, со свои средства и логистика се придружува и Фондот за иновации и технолошки развој. Сите овие записи се испишани рачно, низ разговор со типични репрезенти-говорители на македонскиот јазик во текот на шест децении наназад, насекаде каде што се зборува македонски.
Ако собраниот материјал не се сочува и искористи правовремено, тој повеќе нема да ја отсликува реалната ситуација на теренот. Со тоа може да се заборави, да се изгуби исклучително значајно лексичко богатство на македонскиот јазик од одреден временски период.
Сакаме и мораме да ги сочуваме овие јазични записи за следните поколенија кои растат во екот на дигиталната ера, за тие да бидат достапни, не само за очите и за духот на истражувачите на јазикот, не само за лингвистите и студентите по филологија, туку за сите што ја негуваат љубовта за својот и за туѓите јазици, затоа што, како што се знае - колку јазици познаваш – толку луѓе вредиш, затоа што, јазиците се цели универзуми и од нив зависи нашето постоење - додава Стефоска.
Во Картотеките има:
- Стотици илјади зборови од стари ракописи пишувани со векови во македонските цркви и манастири;
- Неколку милиони ливчиња со зборови кои се користат во секојдневното зборување на македонскиот народ, односно дијалекти карактеристични за над 400 населени места;
- Стотици илјади ливчиња со запишани имиња, презимиња и прекари на Македонците, како и имиња на населени или ненаселени места – топоними;
- Милиони ливчиња со прекрасни македонски зборови од стандардниот и од народниот јазик, кои имаат едно или повеќе значења;
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров, истакна дека оваа инвестиција е од специјално и навистина големо значење за сите идни генерации бидејќи инвестираме во осовременување и заштита на македонскиот јазик како наше најголемо духовно културно наследство, на дијалектите на македонскиот јазик и топонимијата на Република Северна Македонија.
- За колку важен процес станува збор говори и податокот дека ќе се дигитализираат над 5 милиони оригинални записи на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, кои се стари над 500 години. На овој начин ќе создадеме активна заштита на записите во изворна дигитална содржина, како и пасивна заштита од сите форми на ризици што можат да го оштетат или трајно да го уништат културното наследство - рече Петров.
Тој додаде дека е обезбеден вкупен буџет во износ од 14 милиони денари, за кој ФИТР обезбеди 9, додека Министерството за култура на Република Северна Македонија учествува со финансиски средства во износ од 5 милиони денари. Победничкиот предлог-проект ќе биде финансиран 100% од вкупниот буџет, односно до 14 милиони денари. Спроведувањето на проектот може да трае до 12 месеци.